
Американскиот актер Џони Деп изјави дека им должи многу на своите обожаватели, кои го поддржувале „во добро и во зло“, за време на лондонската премиера на неговиот нов филм, „Ебенезер“ (Ebenezer).
„Добредојдењето што го добив е неописливо. Не постојат зборови со кои би можел да опишам како се чувствувам. Тоа е нешто длабоко. Ова се луѓе кои стоеја покрај мене и во добро и во зло. Им должам толку многу. Тие се моите шефови“, рече Деп на лондонската премиера.
Деп (63) ја толкува главната улога во мрачна фантастична адаптација на „A Christmas Carol“ од Чарлс Дикенс, играјќи го Ебенезер Скруџ – скржав и огорчен човек кој го презира Божиќ, сè додека не се соочи со духовите на минатите, сегашните и идните божиќни празници.

Овој филм е негова прва улога во долгометражен филм од 2023 година и претставува голем камбек на големото платно, по две судски битки што привлекоа огромно внимание во јавноста, а во кои беше вклучена неговата поранешна сопруга, актерката Амбер Херд.
Во 2022 година, актерот ја тужеше Херд за клевета поради авторски текст објавен во весникот The Washington Post во 2018 година, за кој тој тврдеше дека го прикажува како насилник. Поротата пресуди во негова корист.

Пред тоа, Деп изгуби судски спор во Обединетото Кралство против издавачот на весникот The Sun, во врска со напис во кој тој беше опишан како „човек што ја тепа сопругата“. Во 2020 година, судијата пресуди дека наводите во текстот се, во суштина, докажани.
Деп и Херд стапија во брак во февруари 2015 година, но се разведоа во 2017 година.
Режисер на филмот „Ебенезер“ е американскиот филмски автор Тај Вест; покрај Деп, во филмот играат и Руперт Гринт, Сем Клафлин и Трамел Тилман.