
Ако сакате кисела зелка, но немате време да чекате со денови таа да ферментира, можете да ја подготвите користејќи побрз метод.
Едноставно прелијте го зеленчукот со врела маринада и салатата ќе биде подготвена за послужување за само два до три часа.
Подготвена на овој начин, зелката останува крцкава, додека морковот, пиперката, кромидот и лукот придонесуваат за побогат вкус и пријатна арома.
Состојки:
1 кг бела зелка, 1 морков, 1 кромид, 1 пиперка, 2–3 чешниња лук, 1 ловоров лист, 5 зрна црн пипер, 500 мл вода, 2 лажици шеќер, 1 полна лажица сол, 70 мл бел оцет (9%), 50 мл масло
Подготовка:
Отстранете ги надворешните листови од зелката, измијте ја и ситно исечкајте ја. Исчистете ја пиперката од семките и исечете ја на тенки ленти; кромидот исечете го на полумесечини; морковот изрендајте го на крупно ренде; а лукот испасирајте го или изгмечете го.
Ставете го зеленчукот во голем сад и нежно притиснете го со рацете – колку да се измешаат состојките и зелката малку да омекне. Во тенџере измешајте ги водата, солта, шеќерот, ловоровиот лист и зрната црн пипер, па оставете ја течноста да зоврие. Потоа додајте ги маслото и оцетот, мешајќи додека солта и шеќерот целосно не се растворат. Штом маринадата повторно ќе почне благо да врие, тргнете ја од огнот.
Рамномерно прелијте го зеленчукот со врелата маринада. Покријте го садот со чинија и ставете нешто тешко врз неа, за зелката да остане целосно потопена во течноста. Оставете ја да се излади на собна температура, околу два до три часа.
Префрлете ја изладената зелка, заедно со маринадата, во чиста стаклена тегла или сад со капак и чувајте ја во фрижидер. Послужете ја како салата, како прилог кон печено месо, компири или други јадења.
Ако претпочитате поблаг вкус со овошна нота, можете да го замените обичниот оцет со 90 мл јаболков оцет.