
Според студија на Универзитетот „Џонс Хопкинс“, возрасните лица од средна и постара возраст кои имаат повисоки нивоа на витамин Д во крвта, во просек спијат речиси 20 минути подолго од оние со најниски нивоа, а исто така поминуваат помалку време будни во текот на ноќта.
Истражувачи од Школата за јавно здравје „Блумберг“ при Универзитетот „Џонс Хопкинс“ и Националниот институт за стареење (NIA) на САД, анализираа податоци за 460 мажи и жени со просечна возраст од околу 71 година. Учесниците биле следени во периодот помеѓу 2012 и 2019 година, како дел од долгорочната „Балтиморска лонгитудинална студија за стареење“.
Нивоата на витамин Д биле мерени преку примероци од крв, додека сонот бил следен со помош на уред што се носи на зглобот и ги регистрира движењата, познат како актиграф. Студијата е објавена во списанието The Journal of Gerontology: Medical Sciences.
Недостатокот на витамин Д е поврзан со 23 минути помалку сон
Откако се земени предвид возраста, полот, расата и други фактори, учесниците во групата со највисоки нивоа на витамин Д спиеле, во просек, речиси 20 минути подолго од оние во групата со најниски нивоа, а нивните периоди на будност во текот на ноќта биле пократки.
Кога учесниците биле класифицирани според клиничките стандарди, поединците со недостаток на витамин Д спиеле, во просек, околу 23 минути помалку од оние со нормални нивоа. Оваа поврзаност била најизразена кај Афроамериканците – група во САД кај која се забележуваат и повисоки стапки на недостаток на витамин Д и почести проблеми со спиењето, во споредба со белото население.
Истражувачите го испитувале и витаминот Б12, но резултатите биле неодредени. Кај жените, повисоките нивоа на Б12 биле поврзани со помалку време поминато во будна состојба откако веќе заспале, додека кај мажите ситуацијата била спротивна. Авторите напоменуваат дека статистичките докази за овие наоди не се убедливи.
Не се докажува дека суплементите помагаат
Авторите предупредуваат дека студијата не докажува оти витаминот Д директно го подобрува сонот; таа само укажува на поврзаност. Понатаму, тие не можеле да утврдат дали учесниците го внесувале витаминот Д преку храна, изложување на сонце или преку додатоци во исхраната. Претходните клинички испитувања за суплементација со витамин Д укажуваа на можна придобивка за сонот, но тие студии беа од мал обем и спроведени врз слични групи учесници.
„Овие наоди сугерираат дека прашањето дали зголемувањето на нивото на витамин Д може да го подобри сонот, заслужува понатамошно, подетално истражување“, изјави Адам Спира, професор на Катедрата за ментално здравје при Школата „Блумберг“ и главен автор на студијата.
Проблемите со спиењето се чести кај постарите лица и се поврзани со зголемен ризик од дијабетес и кардиоваскуларни заболувања.