Репрезентацијата на Македонија ја забележа првата победа на Европското првенство во Литванија. После напорната борба со репрезентацијата на Хрватска, во која во еден момент губевме и со 12 разлика, на крајот сепак успеавме да победиме со 78-76.
Првото полувреме го одигравме сосема солидно. Во првата четвртина имавме и предност од 21-15. Меѓутоа во втората четвртина Хрватска засили и на полувреме се отиде со резултат 41-37.
Скоро сите навивачи на нашата репрезентација можеби се откажаа од нашите момци на почетокот на второто полувреме кога репрезентацијата на Хрватска набрзина направи 12 поени разлика. Меѓутоа момците покажаа одличен менталитет и не паднаа психички. Набрзо го намалија водството на Хрватска и на почетокот на последната четвртина со тројката на Владо Илиевски поведовме со 63-62.
Добрата игра во одбраната, но и одличниот Владо Илиевски, кој на 11 секунди пред крајот ни донесе водство, ни помогнаа да го одржиме водството до крај и да ја забележиме оваа победа против фаворитот Хрватска.
Најефикасен беше Бо Мекејлеб со 19 поени, меѓутоа значаен придонес дадоа и Владо Илиевски со 18 поени, капитенот Перо Антиќ со 15 поени и искусниот Тодор Гечевски со 10 поени но и со 8 скока, од кои дури 5 беа офанзивни.
Следен натпревар на нашата репрезентација е во Сабота во 17 часот против репрезентацијата на Грција. Само напред момци.