Бројните холивудски парови се вистински доказ дека разликата во висина и години не влијае на љубовта. Така и познатата манекенка за „Викторија Сикрет“, Александра Амброзио воопшто не се грижи за потсмешливите погледи на околината кога се шета со својот „џебен“ дечко Џејми Мазур кој од неа е понизок за две глави.
Кога го опишуваат својот идеален партнер, повеќето жени не се оптоваруваат со неговиот физички изглед и тоа не е пресуден фактор за да ги привлече. Во корист на ова тврдење сведочат и некои парови каде дечкото е или многу повисок или многу понизок од својата партнерка.
Се чини дека Том Круз се заљубува само во повисоки женски. И поранешната жена, Никол Кидман и неговата моментална сопруга, Кејти Холмс се повисоки од него. Том е висок само 170 см, а Никол која е повисока од него за цели 12 см, веднаш по разводот изјавила дека конечно ќе може да си обуе високи потпетици.
Понатаму, поранешниот сопруг на Славица Еклстон, Берни Еклстон е висок само 158 см и никогаш не ја криеше својата љубов кон високата сопруга. Освен што беше 28 години помлада од него, поранешната манекенка беше и 20 см повисока од него. Првиот човек на Формула 1 на шега изјавил дека ужива кога патува во Јапонија, бидејќи таму сите се приближно високи колку него.
Украинскиот боксер Владимир Кличко е повисок од својата девојка Хејден Панетиер – ѕвездата на хит серијата „Херои“, за цели 45 см. По нивниот одмор на Хаваи, новинарите почнаа да ја викаат џуџе, а Владимир нејзин огромен телохранител. Актерката која е висока 155 см, изјавила дека разликата во висина и години не им претставува препрека во љубовта.