На интернет се проширија гласини дека Фејсбук планира да лансира сопствен музички сервис со Spotify, MOG и Rdio како првични партнери.
Според сајтот Mashable, Фејсбук ќе го објави својот план на конференцијата за развој F8 на 22 септември.
Гласините за овој план се појавија откако Фејсбук официјално ја лансираше опцијата за video chat. Сепак, официјалните лица на социјалната мрежа засега ги негираа гласините за музички сервис.
„Немаме никаков план за лансирање на нов продукт во мометов. Повеќето музички сервиси во светот се интегрирани со Фејсбук и ние постојано се трудиме да ја подобриме интеракцијата со нив“, изјави портпаролот на Фејсбук.
Сепак, според Mashable, гласините се вистински, но тие сметаат дека Фејсбук нема директно да го поддржува музичкиот сервис, туку содржината ќе ја обезбеди друг партнер.
Сајтот оди дури и понатаму, па шпекулира дека Фејсбук нема да се посвети само на музички сервер, туку дека наскоро ќе започне соработка со Netflix, за гледање на филмови во живо.
Поставувањето на музички сервер на Фејсбук и не е толку изненадувачки, ако се знае дека Apple, Google и Amazon располагаат со свои сопствени сервери.