Секое утро стануваме и се упатуваме директно на работа. А зошто? Што најмногу ве мотивира да работите? Парите, личната сатисфакција за сработеното, стекнувањето нови искуства, знаењето и вештините, напредувањето во кариерата или признанието и пофалбите од надредените? Во една анкета чија цел е да се открие одговорот токму на ова прашање учествувале 597 испитаници и еве што е заклучокот.
Сепак, парите го вртат светот. По сè изгледа, повеќето испитаници се согласуваат со оваа изрека. Имено, за 50% испитаници, основен мотиватор за работа се парите. Велат дека во овие тешки времиња, парите стануваат сè поважни, првично за со нив да се подмират основните животни трошоци, а потоа и за да си дозволат удобен, ако не и луксузен живот.
Истите луѓе не негираат дека личната сатисфакција за сработеното, признанието и пофалбите од надредените, и можноста за стекнување искуство се помалку важни. Сепак, сето тоа, без адекватна плата не значи ништо. Тие тврдат дека парите им нудат сигурност, им значат слобода и се директен показател дека сработеното соодветно се цени, а трудот е платен. Тоа, нормално, ги мотивира да работат понапорно.
За 15% од испитаниците, најголем мотиватор е чувството на лично постигнување. Тврдат дека најмногу ги поттикува фактот што си ја сакаат работата, што работат нешто што има смисла и корист, понатаму, гордоста и самодовербата што ги стекнуваат по успешно сработените обврски и личниот успех. Велат дека ако работодавецот ги препознае овие карактеристики кај вработените, тие соодветно ќе бидат наградени.
Новите искуства, знаење и вештини се главен мотиватор за 12% од анкетираните. Тие сметаат дека ова е најважно да бидат поконкурентни на пазарот на труд, да напредуваат и да добијат повисока плата. Искуството збогатува и отвора нови можности.
Унапредувањето мотивира 10% од запрашаните луѓе. Тоа ја прави работата поинтересна, им докажува на луѓето дека трудот им е ценет, па последователно на тоа тие се развиваат и на интелектуален и на материјален план.
Само 7% од испитаните ги мотивира да бидат ценети и пофалени од надредениот. За нив најважно е со нив да се однесуваат како со човек, а не како со бројка. Тоа го поттикнува ентузијазмот кај нив и желбата за работа. Се доживуваат себе си како креативни и успешни луѓе, а велат дека шефот тоа секогаш ќе знае акко да го награди.
Преостанатите 6% ги мотивираат повеќе работи или пак, комбинација од горенаведените. Сите велат дека ги исполнуваат предизвици, пофалби и стекнување нови искуства, но, сепак, сето тоа на крај води до сонот за поголема плата и сè се завршува со идејата за подобар општествен и материјален статус.