Берлин – Не е можно да ја исклучиме Грција од евро зоната како што предлагаат некои земји, вели германскиот министер за економија и вицеканцелар Филип Реслер.
-Не можеме да го промениме текот на историјата. Не е возможно да ги исклучиме некои земји од евро зоната, и тоа поради некои потпишани договори и услови, вели Реслер.
Тоа е спротивно на мислењата на неговата Либерална партија FDP, како и на Конзервативните партии CDU/CSU кои ја сочинуваат владеачката коалиција на десното крило. Тиа сметаат дека Грција треба да биде исфрлена од регионот на единствената европска валута.
Претседателот на партијата CSU и премиер на сојузната покраина Баварија, Хорст Зихофер, од друга страна вели дека не смее да се исклучи можноста Грција да излезе од евро зоната.
Тој сепак, верува дека Грција може да успее во своите напори за спроведување на фискалните реформи. Уште додава дека не може да им се дава повеќе помош на презадолжените членки, ако тиа сами не даваат никаков придонес за подобрување на состојбата.
Овие коментари ѝ противречат на изјавата на германската канцеларка Ангела Меркел која е лидер на христијанско-демократската партија CDU и која смета дека ниедна земја нема да ја напушти евро зоната од причина што таквиот потег би можел само да им наштети на останатаите членки.
-Ни од техничка, ни од правна гледна точка не постои можност да се случи тоа. Не размислувам за таква шанса бидејќи тоа би имало домино ефект кој би бил страшно опасен за целиот валутен систем, вели Меркел.
Од друга страна, пак, шведскиот министер за финансии Андерс Борг вели дека врз Грција и Италија треба да се примени значаен меѓународен притисок ,со цел тиа да ги спроведат планираните реформи и да ја доведат во ред својата економија. Шведска се плаши дека сопките од невнимателните земји како што се Грција, Италија, Португалија и Шпанија можат лошо да се одразат на стабилната, мала и извозно ориентирана економија на Шведска.