Еден невработен 47-годишен Французин со вложени 60 центи освоил џек пот вреден 425.000 евра, пренесуваат француските медиуми.
Судбината конечно му се насмевнала на Жилиен Риводиг-Монтер кој е градежен работник што останал без работа уште пред две години. Вложувајќи само три монети од по 20 центи во слот машината во една коцкарница во градот Сен Мало во северо-западна Франција, тој го добил џек потот.
Среќниот добитник, пред сè, дошол во ресторанот од коцкарницата за да вечера со жена си. Бидејќи ресторанот бил затворен, тие решиле доаѓањето да не им биде попусто, па се упатиле кон слот машините малку да се позабавуваат.
Од коцкарницата велат дека веќе со години никој не добил џек пот.
По освојувањето на наградата, Жилиен на вработените во казиното им рекол дека сака со тие пари да патува и да си купи скутер, но дека најверојатно нема да го напушти социјалниот стан во кој живее со своите четири деца.