Пред да започне со снимањето на новото продолжение на филмскиот блокбастер „Бетмен“, актерот Кристијан Бејл отпатува во Кина каде го сними најскапиот филм во историјата на кинеската кинематографија, насловен како „Цвеќето на војната“ (The flower of war).
Филмот, кој го режираше познатиот Занг Јимоу, ќе доживее светска премиера на 16ти декември. Приказната е посветена на озлогласениот масакр во 1937 година, кога јапонските војници убија неколку илјади кинески цивили и војници, а силуваа и огромен број жени по освојувањето на градот Нанџинг.
Бејл се појавува во улогата на Џон Хауфман, сопственик на погребално претпријатие, кој доаѓа во Нанџинг во екот на военото лудило. Првите 20тина минути од филмот беа прикажани на филмскиот фестивал во Торонто, а критичарите кои имаа можност да го гледаат сметаат дека станува збор за воен спектакл кој не се пропушта.