Српскиот тенисер Новак Џоковиќ го освои четвртиот грендслем во својата кариера, односно третиот во 2011. Ноле прикажа импресивна и доминантна игра, со мал пад во третиот сет, која му донесе победа од 6-2, 6-4, 6-7 (3), 6-1. За Џоковиќ ова беше шестата победа, од шест меча, против Рафаел Надал оваа година.
Џоковиќ по завршувањето на натпреварот изјавил: „Ова е нереално, ова е одлично чувство. Јас имам одлична година. Секогаш кога играм против Рафа, тоа претставува голем предизвик за мене. Сакам да му честитам за одличниот турнир. Посакувам да имаме уште многу тешки мечеви во наредните години. Навистина е задоволство да се биде дел од неколкумината играчи кои го освоиле овој турнир во минатото.”
„Очигледно сум разочаран. Ова момче прави неверојатни работи, и затоа сакам да му честитам на Новак. Тоа што тој го направи оваа година е невозможно да се повтори. Јас го давав својот максимум во секој момент од натпреварот,” изјави Надал кој се обидуваше да стигне до 11-тиот грендслем трофеј во кариерата.
Така Новак стигна до неверојатни 64 победи и само 2 порази во 2011. Треба да се напомене и дека тој имаше 41-0 во првиот дел од сезоната, се до поразот од Федерер во полуфиналето на Роланд Гарос.