Едно перуанско семејство тврди дека е сопственик на тврдините на Инките во Мачу Пикчу, и дека има намера да го изнесе случајот пред Обединетите нации.
Едгар Ечегарај Абрил (70), има документ каде стои дека неговото семејство го купило земјиштето во 1910 година, а во 1944 година го продало на семејството Савалета, но без тврдината на Инките кои се уште се во негова сопственост.
Перуанската влада подоцна ја презела целата област, а за тоа на никому не му платила надомест, пишува “Телеграф”.
“Во Перу, како и во останатото меѓународно право, доколку не се изврши директна експропријација, титуларот не го губи правото на сопственост. А тоа значи дека ова семејство е сопственик на “Мачу Пикчу”, изјавил адвокат на семејството Абрил.
Поради тоа Ечегарај Абрил одлучил да се обрати до Обединетите нации за решавање на спорот, и да извршат притисок врз перуанската влада.
Семејство Савалета која го купила земјиштето во 1944 година, исто така, побарало да му се исплати надомест за 22.000 хектари земјиште, на кое денес се протега археолошкиот парк “Мачу Пикчу”.
Камениот град на Инките, кој во 1911 година бил претставен од страна на американскиот истражувач Хирам Бингам, е поставен во 1983 година под заштита на УНЕСКО.