На овогодишната забава организирана од фондацијата на Бил Клинтон ќе се појават Лејди Гага, Ашер, Боно од „U2“ и некои други артисти. Настапот ќе се одржи денес во Лос Анџелес и сите претходно набројани „општествено одговорни“ пејачи ќе имаат своја изведба.
„Мило ми е што некои од највлијателните изведувачи на денешницата ќе дојдат заедно да ја подигнеме свеста за работата на мојата фондација“, изјави Клинтон. Во изминатава деценија Клинтоновата глобална иницијатива ги подобрила животите на повеќе од 300 милиони луѓе ширум целиот свет.
„Ја намаливме цената за лекувањето СИДА, се боревме против климатските промени, ја зацрвстивме економијата, го олеснивме пристапот до добро образование и здравство, овозможивме финансирање и поддршка за малите бизниси. Оваа прослава ја бележи 10-годишнината од нашите напори и покажува колку можеме да придонесеме за да направиме разлика во годините што доаѓаат“.
Концертот се одржува за да се означат 10 години постоење на „William J. Clinton Foundation“. Ќе настапуваат и други музички, телевизиски и филмски ѕвезди. Билетите изнесуваат 50 долари и се донација за идните проекти на фондацијата.