Кумар Ран Нараин Картикијан е роден на 14 јануари, 1977, во Мадрас, тој е првиот Формула 1 возач од Индија. Картикијан оваа сезона вози за екипата на Hispania Racing.
Интересот за брзо возење Картикијан го имал уште од детсвото. Неговиот татко бил поранешен седумкратен национален рели шампион во Индија. Тој исто така е во роднинска врска со С. Каривардхан, исто така познат индиски возач.
Во 1998 година почнал да се натпреварува во Британскиот Формула 3 шампионат. Тој возел за тимот на Carlin. Tаа сезона тој бил два пати трет, а на крајот го освоил 12-то место. Картикијан продолжил да се натпреварува и во 1999 година, која била поуспешна година за него. Тој имал 5 подиума, и притоа забележал и 2 победи. На крајот завршил на шестото место. Картикијан го забележал најдобриот пласман во Формула 3 шампионатот наредната година, кога на крајот бил четврти.
Во 2001 година почнал да се натпреварува во Formula Nippon F3000 шампионатот, завршувајќи ја годината меѓу 10-те најдобри. Истата година, тестирајќи за Јагуар, тој станал првиот Индиец кој некогаш возел Формула 1 болид. Потоа тестирал уште неколку пати, и интересно на тестирањето во Мугело, Италија, тој имал пола секунда послабо време од главниот возач на тимот, Жан Алези.
Во 2002, тој се префрлил во Telefonica World Series натпреварувањето и возел за тимот на Tata RC Motorsport. Тој имал пол позиција и поставил најбрз круг во Интерлагос во Бразил. Во наредната година, Картакијан победил во две трки имал уште 3 подиуми. Тој го освоил четвртото место во шампионатот. Таквите резултати му донеле уште едно тест-возење за Формула 1, за тимот на Минарди. Во текот на таа година, тој се оженил за Паварна.
Во 2004, Картикијан продолжи да вози во Nissan World Series и забележал победи во Валенсија, Шпанија и Мањи-Кур, Франција.
На 1 февруари, 2005 година, Картикијан потпишал договор со екипата на Џордан. Со тоа станал првиот Ф1 возач од Индија. Негов колега таа година бил португалецот Тиаго Монтеиро. Првите и единствени Формула 1 бодови ги забележал во големата награда на Америка. Освен оваа трка, негов најдобар пласман бил 11-то место.
Во 2006 година, тимот на Џордан бил купен и преименуван во Мидланд. Картикијан не се нашол во плановите на новиот тим, и така на 27 јануари 2006 година било објавено дека Картикијан ќе биде четврт возач на Вилијамс. Во 2007 година, Картикијан исто така бил задржан како тест-возач за Вилијамс, заедно со Казуки Накајима.
Во периодот од 2007 до 2011, тој настапувал во следниве натпреварувања: А1 GP, 24 часа Леман, НАСКАР и Формула Суперлига. Во НАСКАР тој ја освоил наградата „најпопуларен возач во 2010”, која што била изгласана од обожавателите.
На 6 јануари, 2011 година било објавено дека Картикијан ќе вози за тимот на Hispania Racing. Поради тоа што болидот на сегашниот негов тим е неконкурентен, Картикијан во оваа сезона дури 3 пати бил последен. На 30-ти јуни било објавено дека Картикијан ќе биде заменет со Даниел Рикардо во преостанатите трки од сезоната, освен во големата награда на Индија.