Македонија го освои четвртото место на Европското првенство во кошарка! Тие денес во натпревар за бронзата, загубија од Русија со 72-68. На 7 секунди пред крајот, при резултат 70-68, Бо Мекејлеб на себе навлече 2 играчи и му асистираше на Дамјан Стојановски, кој жал промаши. Како и да е, ова е голем успех на нашата репрезентација, која даде се од себе, и која покрај толку големи екипи и НБА ѕвезди успеа да стигне до 4-тото место од вкупно 24 репрезентации.
Најефикасен повторно беше Бо Мекејлеб со 22 поени, 3 асистенции, 4 скока и 4 украдени топки, кој исто така со добрата игра обезбеди место во најдобрата петорка на првенството. Значаен придонес дадоа и капитенот Перо Антиќ со 13 поени, и Владо Илиевски 16 поени. Повторно бевме слаби под обрачите, имавме 25 скока, наспроти 43 на Русија. Русија имаше дури 21 офанзивен скок, и можеби тоа беше пресудниот фактор за нивната победа. Исто така, Русија се извади и на долгата клупа, нејзините резерви постигнаа дури 29 поени.
Македонија со освоеното четврто место се пласираше во квалификацискиот турнир за Олимпијадата во Лондон во 2012. Таа за учество на олимпијадата ќе се бори со уште 12 репрезентации. Исто така, обезбедивме директно учество на наредното Европско првенство. Браво момци!