И покрај тоа што последниве неколку дена излегоа голем број информации во кои се шпекулирало дека Нејмар е веќе играч на Реал Мадрид, и дека во наредните неколку денови треба да ги помине медицинските прегледи, сепак самиот играч вчера го изјави спротивното.
Нејмар вели дека тој се чувствува почестен со тоа што е поврзуван со најсилните клубови во Шпанија, но дека засега е среќен во Бразил, бидејќи е близу до својата фамилија и пријатели.
„Донесов одлука. Нема да го напуштам Сантош во наредниот трансфер период, ќе останам до Олимпијадата. Не сум постигнал договор со ниту еден клуб,” изјави Нејмар.
Тој се радува што и следната година ќе игра за Сантош бидејќи клубот прославува 100 години од своето постоење. Со тоа што ќе остане во Сантош, Нејмар ќе може да игра на светското клупско првенство во Декември, турнир во кој ќе настапува и Барселона.
„Се надевам дека во трансфер периодот наредната година, истите два клуба ќе бидат заинтересирани за мене, или зошто да не и други клубови. До тогаш јас имам долго време за размислување,” додал Нејмар.