Раскинувањето на љубовните врски може да биде навистина болно, но доколку сакате да си олесните не барајте причина зошто сте оставени и не барајте оправдување зошто сте оставиле некого. Тоа во никој случај нема да ви ја олесни ситуацијата, ниту ќе ви помогне побрзо да го преболите партнерот. Ви претставуваме листа на работи кои во никој случај не смеете да ги направите откако сте раскинале со вашиот партнер.
Не му се јавувајте на бившиот/бившата
Нормално е често да мислите на вашиот поранешен дечко/девојка, особено ако сте биле во долга врска. Сепак, тоа не значи дека треба да го земете телефонот во раце секој пат кога ќе помислите на него/неа. Неодамна, судот во Холандија парично казни жена која била опседната со своето поранешно момче и откако раскинале му се јавила дури 65.000 пати.
Не ставајте „срцепарателни“ статуси на Фејбук
Размислете двапати пред да го поделите вашето расположение со остатокот од светот. Не заборавајте дека Фејсбук е социјална мрежа, а не дневник во кој можете слободно да ги внесувате вашите мисли. Доколку Вие сте ја раскинале врската, со таков статус може само да му дадете лажна надеж на вашиот поранешен партнер. Доколку Вие сте тие кои се оставени, таквиот статус ќе изгледа само како патетичен обид да го/ја вратите назад.
Не ја менувајте вашата фризура
Што може да биде полошо од тоа да сте сами и тажни? Да сте сами, тажни и да имате лоша фризура. Иако многумина советуваат дека е добро да се направи промена на имиџот, особено ако се наоѓате во емотивно тежок период, сепак истражувањата велат дека околу 80% од луѓето кои ја смениле својата фризура во афект подоцна се покајале за тоа. Истото важи и за тетоважите. Доколку одлучите да се истетовирате, почекајте некој период за да се уверите дека тоа не е само импулсивна одлука за која подоцна ќе се покаете.
Не влетувајте во нова врска
Многу луѓе откако ќе раскинат со својот партнер влетуваат во нова врска, она што на англиски се вика „rebound guy/girl“. Ваквите врски скоро никогаш не успеваат, напротив може само да ги влошат работите. Дајте си време за да го преболите своето момче/девојка, бидејќи не е фер да влетувате во нова врска ако сеуште имате чувства кон некој друг. На крајот на краиштата, посветете си малку внимание на себеси и подобрете го квалитетот на сопствениот живот.
Пријателство со бившиот/бившата едноставно не е можно
Ова не значи дека од бившиот/бившата треба да бегате како од чума, но верувајте дека најдобро е да се има само еден цивилен однос со нив. Не фантазирајте дека можете да останете пријатели, затоа што едниот секогаш ќе има чувства кон другиот, што го прави пријателството невозможна и истоштувачка мисија. Доколку познавате некој таков случај, или станува збор за добро прикривање на чувствата, или пак станува збор за екстремно редок исклучок од правилото.