Можеби двете најдобри екипи во светот, вчера беа задржани од своите ривали и не успеаа да забележат победи. Реал Мадрид не успеа да ја совлада екипата на Расинг Сантандер, натпреварот заврши 0-0.
„На крајот, важни се само поените. А ние изгубивме 5 поени на гости. Да, загрижувачки е. Во првото полувреме не игравме добро, но, во второто, бевме на секаде на теренот, и иако не креиравме многу шанси, бевме апсолутно доминантни во последните 30 минути. Треба да се пофали и противникот, кој дефанзивно одигра одлично,” изјави Жозе Мурињо по натпреварот.
Шампионот Барселона беше задржан од лидерот на првенството, тимот на Валенсија. Валенсија поведе со авто-голот на Ерик Абидал, но Педро набрзо израмни на 1-1. Пред крајот на полувремето, повторно по грешка на Абидал, Пабло Хернандез и доведе водство на Валенсија од 2-1. Валенсија го одржуваше водството до 77-та минута кога Цеск Фабрегас, по одлична асистенција на Меси, израмни на 2-2. Барса имаше шанса на крајот и да победи, меѓутоа Виља не успеа да го искористи одличното додавање на Меси.