Себастијан Фетел, победникот на 8 трки оваа година, во Сингапур оваа недела може да ја освои својата втора титула. Возачот на Ред Бул има 112 поени повеќе од Алонсо на 6 трки до крајот.
Возачот на Ферари, Фернандо Алонсо, призна дека Фетел бил најдобар оваа сезона и истакнува дека, иако германецот го има најдобриот болид, тој докажал дека и во тешки ситуации одлично се снаоѓа.
„Тој вози фантастично. Мислам дека оваа сезона тој не направи грешки. Минатата година имавме поголеми шанси. Мислам дека Ред Бул и минатата година исто така беше доминантен, но тогаш имаа проблеми со болидот во некои трки. Оваа година ги решија тие проблеми, а болидот остана исто брз како и лани. Тој ги заврши сите трки, мислам дека е единствениот оваа сезона, а згора на тоа тој вози многу, многу добро. Во основа, тој беше најдобар возач, а Ред Бул најдобар тим, па така тие заслужуваат да бидат онаму каде што се во моментов,” изјави Алонсо на една прес-конференција во Сингапур.
Алонсо, кој во последните 3 години во Сингапур има забележано 2 победи, тврди дека Ферари ќе биде силен овој викенд, меѓутоа истакна дека нема да биде лесно против Мекларен и Ред Бул.