Одредени гласачки листови на престојните избори во Бугарија кои треба да се одржат кон крајот на овој месец, ќе бидат долги и до еден метар, а листот во Софија ќе биде долг 1,2 метри.
Портпаролот на Централната изборна комисија, Бисер Тројанов, рекол дека листовите со најдолгите листи ќе бидат намалени, но не под еден метар, какви што ќе бидат на пример во Пловдив, Варна и најверојатно во градот Русе.
“Гласачкото ливче во Софија ќе биде долго 1.20 метри“, нагласил тој. Тројанов додал дека Комисијата донела одлука листовите да се испечатат така што ќе може луѓето полесно да ги свиткуваат.
Во Бугарија на 23 октомври ќе се одржат претседателските избори и локалните избори. За прв човек на Бугарија во конкуренција се 18 кандидати.
Мандатот на сегашниот претседател Георги Перванов истекува на почетокот на следната година, а неговото име не се најде на оваа листа бидејќи ова му е вториот петгодишен мандат, а на трет нема право.