Група на меѓународни истражувачи тргнале во потрага по Јети во шумите на јужен Сибир. За кратко време оствариле неочекувани резултати. Успеале да пронајдат отпечатоци, влакна, легло и пештера која наводно ја користел Јети. Имено, по сведочењето на еден од локалните жители кој изјавил дека го видел влакнестото, големо битие, истражувачите го замолиле да им покаже каде точно се движело ова суштество.
Следејќи ги упатствата на околните жители, истражувачите пронашле скршени гранки за кои велат дека не можело да бидат искршени од човек и ниту од животно. Набрзо биле пронајдени отпечатоци кои не припаѓаат на ниту на едно животно кое живее во таа област. Во самите отпечатоци се пронајдени влакна, кои веднаш биле испратени во лабораторија на анализа.
Локалните медиуми известуваат дека е пронајдена и пештерата на Јети, леглото и разни знаци, со кои ја обележувал својата територија. Локалните власти изјавиле дека со нетрпение ги чекаат резултатите од земените примероци.