Стратегии на инвестирање до пензионирање

slobodan12 декември, 20101min00

Овој текст е за различните стратегии на инвестирање при градење на вашето портфолио и е наменет пред сè за оние луѓе кои се задоволни во квадрантот „В“ и „С“ за кои пишувавме во претходната статија, и кои немаат намера, или пак, можност, да преминат на десната страна на квадрантот. Ако поседувате повеќе од една акција, вие веќе имате инвестициско портфолио. Своето портфолио го градите преку додавање на уште акции, како и останати класи на имоти, како обврзници, удели во инвестициски фондови, државни или благајнички записи, итн. Целта ви е да ја зголемите вредноста на портфолиото преку избор на инвестиции за кои верувате дека ќе им расте вредноста. Според Модерната Портфолио Теорија вложувањето во различни класи на имот се прави пред сè поради намалување (диверзификација) на ризикот. А традиционалната теорија на портфолио кај нашиот народ е позната од памтивек и гласи: Не ги ставај сите јајца во иста кошничка!

За да ја одберете вашата стратегија на инвестирање, најпрво треба да ги погледнете четирите клучни фактори:

1. Вашите останати средства за пензија
2. Вашата возраст
3. Вашите идни очекувани финансиски потреби
4. Вашата толеранција кон ризикот

1.Останати средства за пензионирање

Според можностите во Македонија, максимум што можете да имате по однос на ова прашање е:

– Пензија од ПИОМ за која во овој момент немате поим колку ќе изнесува, а извесно е дека ќе биде помал од што се надевате;

– Одредена сума од вториот пензиски столб доколку припаѓате на помладата генерација. Износот зависи од тоа колку пари сега издвојувате во овој столб и со каков принос ќе работи фондот до вашето пензионирање

– Сума од третиот пензиски столб доколку сте малку проактивни и сте се одлучиле да вложите и во овој столб. Износот на сумата која ќе ја уживате во вашите пензионерски денови, зависи од истите фактори веќе кажани кај вториот столб;

Доколку вкупниот износ од сите овие столбови го знаете и сметате дека е доволен за вашите пензионерски денови, веројатно е дека остатокот од вашите слободни средства денес нема да го инвестирате, туку ќе го штедите во банка со ниски приноси, но и со мал ризик. Исто така можете да вложите и во државни хартии од вредност, како обврзници или државни записи.

Доколку пак, сте во помладата возраст и сакате да живеете полагодни пензионерски денови, извесно е дека ќе се одлучите дел од вашите слободни средства да ги инвестирате во одредено портфолио составено од различни класи на имот. Можете да купите неколку различни акции за кои сметате дека ќе ви донесат солиден принос, или пак можете да направите комбинација, да речеме: 60% акции (или акциски фондови), 30% обврзници (или обврзнички фондови), 10% депозити.

2.Вашата возраст и вашата стратегија

Кога пензионерските денови се далеку, можете да си дозволите поагресивна стратегија (со поголема изложеност на ризик) бидејќи возраста дозволува да евентуално се надомести тоа што може да се изгуби. Во тој случај најверојатно ќе се одлучите да поголем дел од вашите средства ги вложите во акциски фондови или директно во акции. Ако вложувањата не се покажат како што сте очекувале, имате доволно време да преминете во друг инвестициски фонд, или пак да го промените портфолиото од акции.

Доколку пак, пензионерските денови се блиску, веројатно е дека ќе сакате поголем дел од средствата да бидат вложени во класи на имот кои само ќе ја зачуваат вредноста, да не го загубите и тоа што го имате. Но не заборавајте, секогаш се препорачува барем еден мал дел да вложите во класи на имот кои можат да донесат раст, дури и после пензионирањето!

3. Вашите идни очекувани финансиски потреби

Проектирањето на вашите идни потреби, ќе може да ви покаже колку агресивно или конзервативно треба да инвестирате. Имајте на ум дека веројатно ќе ви требаат повеќе средства отколку што мислите. Животниот век на луѓето е сè подолг и постои можност да проживеете и 30-40 години во пензија.

Општото правило е дека во пензионерските денови ќе ви требаат околу 85% од она што сега го заработувате за да го одржите сегашниот животен стил. Но, ако имате скапо хоби, сакате да се забавувате, или пак, сакате да патувате кога ќе се пензионирате, веројатно ќе ви требаат и 100%, па и повеќе од вашиот сегашен приход. Сè зависи од вашите приоритети и очекувања. На пример ако сега заработувате 400 евра месечно, само за да го одржите сегашниот начин на живот ќе ви требаат 340 евра (400 евра x 85%). И тоа е само за првиот месец. Годишно тоа изнесува 4.080 евра. А каде се останатите години? Во секоја од наредните години ќе треба да компензирате и за стапката на инфлација. Ако на пример, животните трошоци пораснат за 3% после првата година од вашето пензионирање, наредната година ќе ви требаат дополнителни 122 евра на веќе потребните 4.080 евра, и тоа само да ја зачувате вредноста.

4. Вашата толеранција кон ризикот

Нивото на ризик кое сте подготвени да го понесете е клучен елемент при донесување на одлуките за инвестирање. Искуството покажува дека инвестиции кои се поризични, носат и поголем принос на вашето портфолио, заедно со можноста за големи загуби, барем на краток рок.

Ако не сте склони кон ризик, најдобро е да се соочите со тој факт и со неговите последици што поскоро. Ако најголем дел од вашето портфолио на инвестирање го сочинуваат ликвидни средства, како депозити, на пример, веројатно е дека нема да ја надминете стапката на инфлација, и куповната моќ на вашите средства нема да оди во чекор со вашите потрошувачки потреби.

Откако ја утврдивте вашата инвестициона стратегија преку вагање на горенаведените фактори, можете да ја примените таа стратегија за алокација на средствата во рамки на вашето портфолио. Еден начин за да го сторите тоа е да започнете со проста алокација, која го покажува потенцијалното ниво на ризик и диверзификација соодветни за одредени фази во вашиот работен век. Подолу следува еден пример кој никако не смее да се земе здраво за готово.
Откако ќе ги одредите и останатите фактори кои ја персонализираат вашата инвестициска стратегија – вашите останати средства за пензија, идните очекувани потреби и толеранцијата кон ризикот, ќе можете да ја прилагодите алокацијата на средствата во вашето портфолио.

Реалокација на вашето портфолио

Очекувајте дека вашите инвестициони стратегии ќе се менуваат со текот на времето. Не само поради фактот што вие ќе стареете, туку ќе се менуваат и вашата толеранција кон ризикот, останатите средства за пензија, очекуваните идни потреби поради промена на вашиот животен стил, промени во кариерата или пак во семејството. И секако, можно е вашите алоцирани средства да не го носат приносот кој сте го очекувале. Исто така, и пазарните услови можат да се променат од време на време – што значи дека ќе имате потреба да го реевалуирате вашиот пристап кон инвестирањето.

Добра идеја е да стекнете навика за реевалуација на вашето инвестициона стратегија периодично. Ако се променат вашите цели, стратегијата треба да се промени исто така. Препорачливо е да го практикувате ова барем еднаш годишно.

Aвтор: Гордана Гоџо е овластен соработник на Синергија Плус – Прва Агенција за финансиска писменост во Македонија. За повеќе информации за како помудро со личните финансии посетете го веб порталот на статијамк

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

escort - Korsan taksi - anlaşmalı boşanma