Видеоконференцијата е одлична алтернативна мерка која заштедува време, простор, енергија, финансиски средства и истовремено придонесува за заштита на животната средина. Имено, состаноците преку видео конференција се покуси бидејќи нема патувања а истовремено овозможуваат учество на повеќе луѓе бидејќи секоја страна ги користи сопствените просторни капацитети. На овој начин, со видеоконференцијата се заштедува и на дополнителни буџетски средства кои би биле наменети за патувањата, а се зголемува продуктивноста со тоа што времето потрошено за патување може да се искористи за исполнување на работните задачи. Важен аспект е и тоа што се намалува емисијата на СО2, бидејќи деловните патувања на илјадници луѓе на глобално ниво имаат големо влијание на околината во која живееме.
Преку видеоконференцијата се поврзуваат луѓе на различни локации, со звук и слика, во реално време со цел размена на информации и знаења, изведба на презентации, дебати и обука. Додека невербалната комуникација преку телефон или електронска пошта може да ја загрози соработката на различни начини, соработката лице в лице преку видеоконференција им овозможува на учесниците полесна и поуспешна интеракција. Со ваквата форма на комуникација компаниите можат да ги зголемат своите работни успеси и да ја зајакнат соработката со своите партнери. Така, видеоконференцијата нуди не само финансиски бенефиции туку и бенефиции за животната средина истовремено овозможувајќи полесна соработка меѓу членовите на тимот на глобално ниво. Ова е одлична можност со помош на технологијата да се создадат нови и ефикасни начини за работа и комуникација.
Видеоконференции – поврзување и учење
Дали сте имале потреба да се сретнете со вашите партнери или колеги кои се на различни локации од вашата, а притоа никој да не мора да патува и притоа да не ја загади животната средина? Дали сте сакале повеќе ваши колеги од тимот да можат лично да се запознаат со вашите партнери кои се во друга временска зона? Дали сте имате потреба од вработување на нов кадар или барате работа, и не сакате да ги ограничите вашите опции само на локацијата каде што се наоѓате, а повторно да не мора да патувате и да генерирате СО2? Во тој случај може да ви помогне поврзување со видео конференција!
Што е видео конференција?
Видео конференцијата е форма на комуникација што интегрира видео линк и говор (преку телефонска линија). Учесниците во видео конференцијата може да се гледаат еден со друг додека разговараат. Исто така, може да ја користат технологијата да разменуваат документи, презентации и да одржат обуки. Секако дека постојат и други едноставни начини за интегрирање на говор и слика со користење на софтверски алатки на домашниот комјутер, но со нив не секогаш ќе може да се одговори на сите формални деловни потреби.
Каде се може да се поврзете?
Секаде во светот каде што има компатибилна опрема за видео конференции односно видео конференциски студија, овозможувајќи едноставна врска со партнери и соработници од различни краеви на светот.
Зошто да се применува видеоконференција?
Има многу придобивки од користењето на видео конференцијата.
Поттикнува комуникација: можете почесто да комуницирате со луѓе во други региони или земји, што вообичаено би било многу скапо или невозможно ако треба да патувате.
Штеди простор: можете да одржувате видео конференции со многу повеќе луѓе во споредба со состанок каде што треба сите тие да присуствуваат, бидејќи секоја страна ги користи сопствените просторни капацитети.
Штеди време: видео конференциската комуникација и состаноците често се доста пократки, бидејќи не е потребно да патувате. Состанок за кој би ви требале четири часа надвор од работното место (поради патот) може да ви одземе само два часа ако користите видео конференциска комуникација.
Штеди пари: со видео конференцијата се заштедуваат средства бидејќи со тоа се намалуваат трошоците – нема потреба од дополнителни трошоци вклучени заедно со патувањето, храна и билети.
Создава идеи: телефонскиот повик или електронската пошта не се секогаш најдобриот начин да комуницирате со друго лице. Интерактивните состаноци може да ви помогнат да генерирате идеи и да им овозможите на луѓето да го прочитаат и реагираат на односот на другите луѓе.
Размена на податоци: видео конференцијата овозможува соработка преку споделување документи. Многу луѓе во различни области може да работат на ист проект и да го дадат својот придонес.
Размена на информации: многу институции може едновремено да го примаат сигналот и на тој начин да се добие повисок степен на учество. На пример, едно предавање се пренесува истовремено за учесници што се наоѓаат во различни институции.
Што треба да направите?
Добро испланирајте со која цел и со кого треба да се поврзете. Потоа утврдете кој се’ треба да учествува. Така ќе ги дефинирате локациите каде што треба да се воспостави видео конференциска врска. И на крај побарајте поддршка за реализација на вашата идеја. На овој начин сигурно ќе заштедите и ќе придонесете животната средина да биде заштитена.
Aвтор: Жарко Конески е раководител на конференцискиот центар при Британскиот Совет во Македонија. За повеќе информации посетете ја веб страната http://www.britishcouncil.org/macedonia.htm