Најскапите земјотреси во историјата на човештвото

23 март, 20110
eqfocus
Земјотреси со јачина од 9 степени според Рихтеровата скала, се голема реткост, според податоци на американската служба за геолошки проучувања. Во светот годишно се случува само по еден земјотрес со сила од над 8 степени според Рихтер. Се разбира, низ годините, бројот варира, на пример во 2007 имало осум такви земјотреси, а во 2008 ниту еден.
Човечките жртви и материјалните штети, исто така, варираат, но тие се неизбежни. Дури и најмодерните системи за рано предупредување можат да овозможат тревога само неколку минути, за загрозените да побараат безбедност пред да се случи катастрофата. Иако сеуште е рано да се добијат дефинитивните проценки за штетите од земјотресот во Јапонија, кој се случи на 11 март, годинава, сепак ова со сигурност ќе стане најскапата природна непогода во историјата на човештвото. Американскиот иснтитут за информации од областа на осигурувањето објави податоци за најскапите земјотреси во историјата на човештвото. Пресметките биле направени на база на вкупни загуби, исплатени од осигурителните компании. Нетпрес пренесува кои земјотреси во светот се сметаат за најскапи во историјата на човештво.
Земјотресот во австралискиот град Њукасл во 1989 година
Исплатени осигурителни обештетувања: 670 милиони долари
Вкупно материјални штети: 1,2 милијарди долари
Жртви: 13
Австралија овој земјотрес го опишува како една од најтешите природни катастрофи кои ја погодиле. Потресот бил со јачина од 5,6 степени според Рихтер. Загинале 13 лица, а повредени биле 160. Последиците од земјотресот биле почуствувани на територија со површина од 124.000 квадратни километри, каде имало 35.000 куќи, 147 училишта и 3.000 деловни објекти. Земјотресот бил со мала јачина, но се случил во густо населен реон, каде зградите биле стари и датираат уште од 1860 година.
Земјотресот во округот Нанду, Тајван, во 1999 година
Исплатени осигурителни обештетувања: 750 милиони долари
Вкупно материјални штети: 14 милијарди долари
Жртви: 2.400
Овој земјотрес се смета како втор најсмртоносен во историјата на Тајван. Локалните медиуми го нарекле “земјотрес на векот“ поради неговиот огромен негативен ефект врз локалната економија – 100.000 лица останале без домови, над 50.000 згради биле уништени, а поради потресот биле затворени трите атомски централи на островот. Тајванската берза не работела 5 дена, а цените на деловите за електроника достигнале вртоглав раст на светските пазари, бидејќи Тајван е еден од најголемите производители на компјутерски делови во светот. Меѓународната помош била забавена поради сложените политички односи на Кина со Тајван.
Земјотресот во префектурата Ниигата во Јапонија, во 2004 година
Исплатени осигурителни обештетувања: 760 милиони долари
Вкупно материјални штети: 28 милијарди долари
Жртви: 33
Силината на овој земјотрес била 6,9 степени според Рихтеровата скала. Загинале 33 лица, а повредени биле 2.900. Имало и втор потрес од 5,9 степени, само 16 минути по првиот. Воз со голема фреквенција на патници излетал од шините, со над 150 патници во него. Сите магистрални патишта биле принудно затворени поради лизгање на земјиштето.
Земјотресот во Санта Круз, САД, во 1989 година
Исплатени осигурителни обештетувања: 960 милиони долари
Вкупно материјални штети: 10 милијарди долари
Жртви: 63
Епицентраот на потресот бил на околу 17 километри североисточно од Санта Круз, а силината му била 6,9 степени. Најтешко погодени биле градовите Сан Франциско и Оукленд. Наречен е “земјотресот од Лома Приета“, по името на планината крај Санта Круз. Од потресот паднале голем број на бетонски столбови на патиштатата и железничките пруги во тој дел. Лизгања на земјиштето имало во радиус од 120 километри од епицентарот. Земјотресот бил пренесуван во живо на телевизија, бидејќи во тоа време се играло финалето во американскиот шампионат во бејзбол.
Земјотресот и цунамито во Суматра, во 2004 година
Исплатени осигурителни обештетувања: 1 милијарда долари
Вкупно материјални штети: 10 милијарди долари
Жртви: 227.898
Најсилниот земјотрес во светот во изминатите педесетина години, се случи во Индискиот океан, со јачина од 9,1 степени според Рихтер, а епицентарот му бил во близина на западниот брег на Суматра, Индонезија. Рекорден број на загинати-227.898, но во оваа бројка значително учество има и цунами бранот предизвикан од потресот. Ова цунами се смета за најсмртоносно во историјата на човештвото. Околу 1,7 милиони лица, од 14 земји во Азија и источна Африка беа раселени. Цунами бранот бил висок 30 метри. Енергијата, ослободена за време на земјотресот од 26 декември, 2004 година, била еднаква на 1.500 атомски бомби како онаа фрлена во Хирошима. Помошта од странство достигна 14 милијарди долари, но сеуште има овбинувања дека околу 4 милијарди долари од ветената помош никогаш не пристигнале до оние на кои им била потребна.
Земјотресот во Кобе, Јапонија, во 1995 година
Исплатени осигурителни обештетувања: 3 милијарди долари
Вкупно материјални штети: 100 милијарди долари
Жртви: 5.502
Јапонија ја погодуваат многу земјотреси, но ниту еден од нив немал такво разурнувачко дејство како тој што се случил во Кобе. Неговата сила била 6,9 степени, а вкупните економски загуби изнесувале фантастични 100 милијарди долари, односно 2,5 отсто од БДП-то на Јапонија. Исплатите од осигурителните компании се мали, околу 3 милијарди долари, но причина за тоа е фактот дека само 3 осто од недвижностите во Кобе биле осигурани. По земјотресот голем пад имаше јапонскиот берзански индекс Никкеи и тоа од 8 отсто.
Земјотресот во Кентербери, Нов Зеланд, во 2010 година
Исплатени осигурителни обештетувања: 5 милијарди долари
Вкупно материјални штети: 6,5 милијарди долари
Жртви: 0
Слично како Калифорнија и Јапонија, и Нов зелан се наоѓа на работ на тихоокеанската плоча, која има висока сеизмичка и вулканска дејност. Земјотресот во Кентербери бил со јачина од 7 степени. Поради земјотресот избувнале многу пожари, а тешко оштетен бил и водоводниот систем, па се појавила голема опасност од загадување на водата за пиење. Исто така тешки оштетувања имала и електричната мрежа. Жртви нема поради одлично изградените објекти.
Земјотресот во Крајстчрч, Нов Зеланд, 2011 година
Исплатени осигурителни обештетувања: 10 милијарди долари
Вкупно материјални штети: 20 милијарди долари
Жртви: 166
Земјотресот од 22 февруари, годинава, во Крајстчрч имал голема разурнувачка моќ бидејќи епицентарот му бил едвај 10 километри од густо населениот втор по големина град во Нов Зеланд. Досега, бројот на жртвите е 166, но се очекува да ја надмине бројката од 200. Поради тешки оштетувања од земјотресот голем број на објекти во Крајстчрч се уриваат, меѓу кои и главната катедрала на градот. Илјадници објекти пак, сеуште се сметаат за високо ризични и пристапот до нив е строго ограничен.
*Загубите продолжуваат да се пресметуваат, податоците не се финални
Земјотресот во Лос Анџелес, САД, 1994 година
Исплатени осигурителни обештетувања: 15,3 милијарди долари
Вкупно материјални штети: 44 милијарди долари
Жртви: 60
На 17 јануари 1994 година, земјотрес со јачина од 6,7 степени според Рихтер, ја потресол долината Сан Фернандо, северно од Лос Анџелес. Последиците од потресот биле почуствувани во радиус од 140 километри од епицентарот. Загинале 60 лица, повредени биле повеќе од 7.000. Оштетени биле 40.000 згради, а околу 20.000 лица останале без своите домови. Урнати биле голем број стадиони, патишта, и железнички линии. Тежок удар доживеала и индустријата за забава. Многу од местата за снимање на тогаш мега-популарните серии “Зајнфилд“, “Ѕвездени патеки“ и “Симпсонс“ биле оштетени. Популарниот пејач Мајкл Џексон, кој во тоа време снимал албум, морал својата работа да ја префрли во Њујорк.
Извор: Нетпрес

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

escort - Korsan taksi - anlaşmalı boşanma