40 години од смртта на Џим Морисон

2 јули, 20110
dzim-morison-498

Во недела се навршуваат 40 години откако Џим Морисон бил пронајден мртов во бањата во неговиот стан во Париз. Легендарниот американски пејач и текстописец еден од најпопуларните и највлијателните личности во историјата на рок музиката, судејќи од посетите на неговиот гроб, тој е повеќе жив отколку некогаш.

Неговата изненадна смрт на 27 години ги шокира обовожателите на групата Дорс, која што остана позната по хитовите како „People are strange“ и „Light my fire“, меѓу другите.

Аутопсија на телото на Морисон никогаш не е направена и затоа постојат многу теории на заговор, а телото на музичарот е погребано на гробиштата Пер Лашез во Париз, каде што почива заедно со Марсел Пруст, Гертруда Штајн, Оскар Вајлд и други великани.

Двајца од неговите колеги од групата, клавијатуристот Реј Манзарек и гитаристот Роби Кригер, ќе ја одбележат годишнината од смртта на Морисон со концерт во клубот Батаклан. Музичкиот ин мемориам е веќе распродаден, а трибјут бендот од Велика Британија, Дорс Алајв, ќе има настап во парискиот театар Ла Сигал.

Гробиштата Пер Лашез се најпосетеното вечно почивалиште во светот, а секојдневно гробот на Џим Морисон е посетен од голем број на обожаватели и почитувачи на ликот и делото на ѕвездата.

На неговиот гроб пишува: Џејмс Даглас Морисон, 1943-1971, а надгробниот споменик на овој поет и пејач е подигнат од неговиот татко и на него стои грчката изрека: „Верен на својот дух“.

Многу обожаватели на ова место истакнуваат дека Морисон им ја има обележано младоста. Еден од нив е и Германецот Гунтер (54).

„Кога доаѓам овде ми се враќаат спомените од тој период“, истакнува Гунтер.

Американецот Алекс кажува дека станал обожавател на пејачот кога имал 15 години. Сепак, најголем број на фановите на Морисон не биле родени пред 40 години. Снимки од песните на Дорс главно наоѓале помеѓу плочите на нивните родители и така се заинтересирале за опусот на оваа култна група.

„Имам 17 години и ги слушам Дорс од својата трета година – раскажува средношколецот Џеј Стенли од САД. – Тој (Морисон) е персонификација на Америка. Тој е мојот идол. Целата моја соба е облепена со негови постери“.

Русинката Марија (27), облечена во маица со логото на Дорс додава – „Морисон е таткото на рокенролот. Ги сакам неговата музика и мистиката. Целиот живот имав желба да го посетам неговиот гроб и конечно успеав.“

Морисон го носеше надимакот „Крал на гуштерите“, а во Париз се пресели во 1971 година и тука живееше со својата партнерка Памела Кулсон. Памела е личноста која што го има пронајдено мртов, а како официјална причина за смртта е наведено – срцев удар. Веста за неговата смрт е објавена јавно два дена после погребот, на кој што присуствувале само 5 лица.

Помеѓу бројните теории за смртта има една во која што како кривец се наведува американската агенција ЦИА, а писателот Сем Бернет во 2007 година во својата книга наведува дека Морисон умрел во тоалетот на еден париски ноќен клуб од предозирање со дрога. Бернет бил менаџер на тој клуб, а според неговите зборови, група на наркодилери го одвлекла телото на Џим во такси и го вратила во станот во кој што живеел. За ова никогаш не ја известил париската полиција заради страв од скандал.

Клавијатуристот Манзарек пак размислувал дали е можно лидерот на неговата група да ја има излажирано сопствената смрт, за да започне нов живот во комплетна тајност.

Тогашната девојка на Морисон, Кулсон умрела во Лос Анџелес во 1974 година од предозирање со дрога.

http://www.youtube.com/watch?v=DKbPUzhWeeI&feature=player_embedded

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *