Анализа: Хрватска подготвена – очекува зелено светло од ЕУ

19 мај, 20110
croatia_flag

Хрватска се надева дека следниот месец ќе добие “зелено светло“ од Европската Унија за завршување на долготрајните преговори за пристапување со оглед на загриженоста за тоа што евентуалното одложување може да му наштети на Загреб на економски и политички план пред изборите оваа година, се вели во анализата на “Франс Прес“, пренесува НетПрес.

Хрватската премиерка Јадранка Косор постојано инсистирала преговорите да завршат во јуни, бидејќи датумот симболично се поклопува со 20- годишнината од независноста на Хрватска. Неодамна Косор истакнала дека откако бил испратен клучниот извештај за напредок во судските реформи во Брисел, крајот на јуни е реален рок за завршување на преговорите со ЕУ, кои започнаа во октомври 2005 година.

Хрватска успешно затвори 30 од вкупно 35 поглавја за која секоја земја мора да преговара со Европската унија пред и официјално да му пристапи.

Реформата во судството, вклучувајќи ја борбата против корупцијата и прогонот на воените злосторници од конфликтот во поранешна Југославија во 90-тите години на минатиот век, како и реконструкција на државните бродоградилишта, се клучни за завршување на преговорите на Хрватска сои Европската унија.

Загреб ја активираше борбата против корупцијата, особено на високо ниво, во средината на 2009 година, кога Косор го презеде премиерското место од Иво Санадер. Во моментот Санадер е уапсен под сомневање за корупциски скандал.

Во Хрватска постои широк политички консензус за тоа дека земјата мора наскоро да влезе во ЕУ. Властите велат дека завршување на преговорите до крајот на јуни ќе и’ даде можност на земјата да искористи 3,5 милијарди евра од европските структурни фондови и ќе може активно да учествува во донесување на финансиската рамка на ЕУ за периодот 2014-2020 година.

“Месец јуни е одлучувачки за Хрватска“, вели Весна Пушиќ, шеф на националниот комитет за следење на преговорите со ЕУ, од опозициската Хрватска Народна партија.

Пушиќ истакнала дека евентуалното одложување би довело до политички и економски последици. Косор објави дека парламентарните избори ќе се одржат до крајот на годината. Доколку преговорите не бидат завршени пред изборите, тоа може да предизвика уште поголемо забавување на процесот, сметаат експертите.

Постои загриженост за тоа дека евентуалното одложување влезот во ЕУ дополнително може да го зајакне евро скептицизмот на хрватските граѓани. Според спроведена анкета, поддршката за членство на земјата во ЕУ достигна најниско ниво за последните пет години. Пристапот кон ЕУ е поддржан од 44,6 отсто од Хрватите, додека 41,8 отсто се против влезот на земјата во големото европско семејство.

Сличен таков драстичен пад на поддршката може да се објасни со драконските казни кои Хашкиот трибунал ги изрече против двајца поранешни генерали, донесени во април.

Државниот секретар за европска интеграција Андреј Пленковиќ сепак останува убеден дека целта за членство на Загреб во ЕУ е реална. Тој посочи дека Хрватска се надева дека ќе го потпише договорот за пристап кон крајот на годината. Потоа договорот ќе треба да се ратификува од парламентите на сите земји членки, со што целокупниот процес се очекува да трае околу година и половина. Загреб се надева дека ќе стане полноправен член во јануари 2013 година.

Според дипломатски извори постојат планови за воведување механизам за мониторинг по завршување на преговорите, односно пред полноправното членство за да се осигури дека земјата продолжува со сите критериуми поставени од Брисел.
Станува збор за погоден механизам кој ќе ги смири земјите членки на ЕУ, кои се’уште немаат интерес да ја поддржат Хрватска за влез во унијата.

Извор: Нетпрес

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

escort - Korsan taksi - anlaşmalı boşanma