Анализа: Проблеми пред контакт-групата за Либија

11 април, 20110
gadaffi
Ќор-сокакот на бојното поле во Либија и одбивањето на Моамер Гадафи да се повлече од власта ќе создадат огромни проблеми за меѓународната заедница во време кога контактната група ќе се собере за прв пат во Катар. Групата, формирана на крајот од март, годинава, за време на меѓународната конференција за Либија во Лондон, ќе даде проценка на тековната воена кампања во Џамахиријата, која трае веќе четири недели, анализира новинската агенција АФП, пренесува Нетпрес.
Членовите на групата и понатаму стриктно ќе се придржуваат до својот дневен ред, но тие треба да се усогласат со ограничувањата на мандатот на ОН, кој дозволува воена интервенција од хуманитарни причини. Во контактната група влегуваат западните земји како Велика Британија, Франција и САД, како и арапски држави – Катар, Јордан и Мароко. Останатите членови се ОН, Арапската лига и Северноатлантскиот сојуз-НАТО, кој ја презеде воената команда на операциите во Либија на 31 март.

И покрај воздушните напади, противниците на режимот, не успеаа во обидувањата во последните денови да ги победат силите на Гадафи во областа на нафтениот град Брега. Долготрајниот ќор-сокак по воената интервенција ќе го зголеми ризикот од поделбата на арапската земја со шест милиони жители и со богати наоѓалишта на нафта и гас. Резолуцијата 1973 на Советот за безбедност на ОН даде “зелено светло” за употребата на воена сила за да се заштити цивилното население на Либија. Но, Гадафи остана несоборлив, иако неговите трупи секојдневно се подложени на воздушни напади.
Иако се смета дека силите на опозицијата немаат доволно воена сила за да му се спротистават на Гадафи, од НАТО тврдат дека ситуацијата е многу “променлива” и не е дојдена до ќор-сокак.
“Наоѓањето на политичко решение е клучно за решавање на конфликтот. Ние секогаш сме биле јасни дека не може да има чисто воено решение на овој конфликт“, изјави портпаролот на НАТО Јоана Лунгеску.
Генералниот секретар на Алијансата Андерс Фос Расмусен истакна дека интервенцијата на НАТО е за да се заштитат либиските цивили, а не да се вооружуваат опозициските сили во обид да се симне Гадафи од власт. Во исто време Франција јасно рече дека крајната цел е соборување од власт на либискиот лидер.
“Прашањето сега е под кои услови Гадафи ќе си замине, а не како ќе се задржи на власт“, изјави францускиот министер за надворешни работи Ален Жипе.
Пред француските пратеници тој изјави дека коалицијата веќе успеала да го дестабилизира либискиот лидер. Другите членови на коалицијата, вклучувајќи го Катар, дадоа до знаење дека соборувањето на Гадафи по четири децении на власт е единствениот можен крај. Според командантот на силите на САД во Африка, генерал Картер Шунка, е малку веројатно опозициските сили да успеат да го соборат од власт Гадафи, но тој ја отфрли можноста за испраќање на американски копнени сили во Либија. Изборот на легитимен соговорник на политичкиот фронт, исто така, ќе биде главоболка за време на состанокот во Доха. Преодниот национален совет во Бенгази беше прогласен официјално од Париз, Рим и Доха, но Вашингтон, Лондон и ЕУ се резервирани.
Извор: Нетпрес

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *