Анализа: Секс, власт и гревови

21 јуни, 20110
bill-clinton-arnold-schwarzenegger-2010-2-24-18-40-24
Еден од највлијателните луѓе на светот, богат, образован, со претензии за претседателската фотелја во својата земја-Франција, е обвинет за обид за силување на една црномуреста хотелска собарка.
Во исто време поранешниот гувернер на Калифорнија и холивудски актер, Арнолд Шварценегер, призна дека уште пред неговиот избор забременил куќна помошничка, факт кој досега го криел од својата сопруга. Со години мајката заедно со сега веќе 12-годишното момче, живееле под ист покрив со семејството Шварценегер.
Поранешниот претседателски кандидат на демократите Џон Едвардс бил обвинет за злоупотреба на предизборните средства за да ја прикрие својата љубовница со која имал вонбрачно дете.
Конечно, да не се заборави и случајот на Ентони Вајнер, пратеник демократ, кој неодамна пушти предизвикувачка фотографија на друштвената мрежа “Твитер“. Тој сметал дека фотографијата со порнографска содржина била достапна само за младата дама со која “четувал“ , но за жал тоа не било така, анализира “Дојче веле“, пренесува НетПрес.
Контоверзната слика ја отворил еден блогер, приврзаник на конзервативците и за кратко време, таа заедно со други слични непристојни кадри се појавија на Интернет. Вајнер бил принуден да признае дека веќе три години одржувал такви контакти на Интернет. Конгресменот е семеен човек оженет за убавата соработничка на државната секретарка на САД, Хилари Клинтон. Тој пред да поднесе оставка изјавил: “Не знам што мислев во тој момент“.
Вајнер е третиот њујоршки политичар, покрај гувернерот на Демократската партија Елиот Спицер и републиканскиот конгресмен Крис Ли, чија кариера станува жртва на психолошката состојба во која се наоѓаат политичарите.
Но, по аферата Клинтон-Левински, ниту еден друг секс скандал не ја разбранувал јавноста повеќе од наводното силување на Штрос Кан на хотелската собарка во елитен хотел во Њујорк. За разлика од Европејците, граѓаните на САД се апсолутно убедени во вината на поранешниот шеф на Меѓународниот монетарен фонд. Французите пак се надалеку познати по нивниот галантен однос кон вонбрачните авантури на своите политичари. Секако, еротските забави со колешките во Америка се следат со сомнеж, додека Европејците тоа го карактеризираат како “недостиг на политичка коректност“.
Во меѓувреме изгледа и Франција се ослободува од лекомисленоста, во однос на слабоста на нивните политичари кон жените. Со еден збор можеби стануваме сведоци на не толку голем и значаен судир на култури, како на континентални поместувања во структурата на власта.
Од Кенеди па се’ до Клинтон, американската нација без посебни потешкотии ја проголтале слабоста на своите претседатели кон женскиот пол. Мажите кои се наоѓаат на челни позиции очигледно се подложни на илузијата дека се недостижни, фактите во поголемиот број случаи го оправдуваат таквото размислување. Околу моралот на Американците и нивните граници, тие се плашат од нешто друго. Џон Едвардс не бил обвинет за брачно неверство, туку за злоупотреба на предизборните пари, што е дело казниво со закон. Доминик Штрос Кан е повикан во судот не заради сексуална злоупотреба, туку заради насилство. Ентони Вајнер треба да одговара пред специјално именувана комисија за етика не своето пубертетско однесување, туку за тоа што ја лажел јавноста и своите партиски пријатели.
Исто така и за аферата на Клинтон не била побарана одговорност поради брачното неверство, туку затоа што ја излажал својата нација додека бил под заклетва. Еден од најгласните за интерпелација на тогашниот американски претседател Клинтон, бил тогашниот претседател на Претставничкиот дом Њут Гингрич. Тој, кој сега се претставува за претседателски кандидат на републиканците, со посебен акцент ги истакнува “семејните вредности“, претставувајќи ја како трофеј својата трета сопруга. Станува збор за жена со која имал вонбрачна врска токму во времето на постапката за импичмент против Клинтон. Така што во тој поглед Французите и Американците, како и останатиот свет по ништо не отстапуваат кога станува збор за наклонетоста кон лицемерност и “безобразно“ кратката меморија.
Извор: Нетпрес

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *