По повеќе од една деценија, фановите на хип хопот се уште се сеќаваат на 1999 година, една од највозбудливите за овој музички жанр. Хип хопот достигна триумф кога Лорин Хил освои пет Греми награди за својот деби-албум и се најде на насловната страница на магазинот Тајм. Но истата година, светот на хип-хопот се соочи со трагедија кога 24-годишниот рапер Биг Л беше застрелан во темните улици на Харлем. Покрај овие спомени, во сеќавањето на хип-хоп нацијата остана и соработката помеѓу Еминем и Ројс 5’9″, од која изникна албумот „Bad Meets Evil“, на кој се најде морничавиот сингл “Nuttin’ to do“. Албумот беше издаден на плоча која стана симбол кој и во денешно време е посакуван од хип хоп фановите.
Песната “Nuttin’ to do“ ја изведува Еминем, како неговото „алтер-его“ Слим Шејди и е безмилосно насилна и иронична, а хорот постојано ги нагласува стиховите „Ако немав зглобови, ќе немав што да пресечам; само се зае****м со тебе затоа што немам што да правам“. Иако никогаш не се најде на топ листите, албумот сеуште има свои следбеници кои со нетрпение очекуваат нова соработка помеѓу двата рапери. Ројс и Еминем наидоа на меѓусебно недоразбирање, по што и двајцата ја напуштија групата Д12, но сето тоа најверојатно остана во минатото. По 12-годишна пауза, раперите најавија повторна соработка насловена како “Hell: The Sequel“, албум кој своја промоција ќе доживее на 14 Јуни оваа година.
Деталите околу новиот албум се навистина оскудни – Хејвок од Моб Дип, еден од продуцентите на албумот изјави дека и Еминем и Ројс сакаат нештата да ги зачуваат како „врвна тајна“. Хејвок исто така истакна дека деталите околу неговиот ангажман ги дознал само пред неколку месеци. Концептот на албумот најверојатно ќе остане близок на оригиналниот; Хејвок изјави дека музиката на „Продолжението“ е навистина страшна, но се вклопува со личноста на Слим Шејди. Продуцентот истакнал дека музиката „звучи како да се симнуваш само во темна дупка“. Досега единствениот сингл кој „протече“ од новиот албум, насловен како “Fast Lane“, започна да ги задоволува апетитите на хип хоп фановите кои дванаесет години чекаат на нова соработка помеѓу Еминем и Ројс.