Со микрофонот кон публиката, Тоше и постхумно им даде шанса на своите фанови заедно да ги запеат неговите најпознати рефрени. Во еден глас пееше публиката, пратена од познатиот бенд на Тоше кој никако не ја губи желбата за изведба на неговите најпознати песни. Македонските и балкански музички ѕвезди уште еднаш и оддадоа почит на прерано загинатата ѕвезда и го потсетија дека иако го нема, неговите песни сеуште живеат. “Златно славејче“, “Црвена јабука“, Маја Оџаклиевска, Елена Ристевска, Јоана, Наум Петрески се само дел од ѕвездите кои успеаа да ја кренат публиката на нозе како што тоа умееше да го направи Тоше. Со прекрасната “Не кани ме“, Миле Кузмановски успеа да предизвика најмногу солзи кај публиката. Ниту Маја Оџаклиевска не остави никого рамнодушен со прекрасната изведба на “Несаница“, во придружба на трубачки оркестар, со претходен рецитал на актерот Дејан Лилиќ.
Прекрасни бели балони беа пуштени да ја дополнат атмосферата во арената “Борис Трајковски“, како предвесници на пиротехничкото изненадување за време на изведбата на Маја Оџаклиевска. На концертот беа пуштени и најновите преработени песни на Тоше Проески, неговите омилени рок балади како “Ју лајт уп мај лајф“, “Бед оф розес“, “Солџер оф фортун“ и многу други, кои ќе се најдат на неговиот нов албум “Со љубов од Тоше“. Фановите од целиот Балкан, од Хрватска, Србија, Словенија, Бугарија и Босна и Херцеговина, преку видео порака на Тоше му го честитаа роденденот и покажаа дека тој беше единствена ѕвезда која го сплотуваше целиот Балкан.
Извор: Нетпрес