Повеќедеценискиот лидер на Куба и доскорешен претседател на оваа земја, Фидел Кастро, потврдил дека се откажува од раководството на кубанската Комунистичка партија и најавил дека ќе го напушти Централниот комитет, јавуваат светските новински агенции, пренесува Нетпрес.
Во изјава дадена за кубанските државни медиуми Кастро рекол дека неговиот брат Раул знаел оти нема да има никаква одговорност во партијата, објаснувајќи го своето отсуство од новиот Централен комитет на партијата, избран на конгресот вчера. Резултатот од гласањето и детали за одобрените мерки ќе бидат објавени денеска на затворањето на конгресот.
Партиското водење Фидел Кастро му го препуштил на неговиот брат Раул, на кого во 2006 година му ја предаде и претседателската функција, откако се повлече поради здравствени причини.
Новина што се случила на VI конгрес на Комунистичката партија на Куба е тоа што делегатите одлучиле да им овозможат на жителите на оваа земја да купуваат и да продаваат недвижни имоти, објави Би-Би-Си. Но, нема детали за тоа како ќе се остварува купопродажбата. Раул Кастро предупредил дека власта нема да дозволи концентрација на недвижности. Инаку, приватната сопственост на недвижности во Куба беше укината по револуцијата во 1959 година. Оттогаш Кубанците можеа да ги оставаат имотите само како наследства на своите деца, или пак да ги разменат, но тој систем бил многу сложен.
АФП објавува дека на конгресот на Комунистичката партија на Куба треба да бидат гласани околу 300 точки од економските реформи во земјата. Меѓу предложените мерки е и намалувањето на работните места во државниот сектор, како и децентрализација на земјоделието.
Првиот, во изминативе 14 години, Конгрес на КПК, почна во саботата на 16 април, а оттогаш кубанскиот претседател Раул Кастро предложи историска промена во својата земја, односно да биде изгласано ограничување на извршување на државна функција и тоа најмногу до 10 години.
Извор: Нетпрес