Кантарионот лечи и однадвор и однатре

12 јули, 20110
kantarion

Кантарион – за време на сончање не, после сончање да!

Во народната медицина, кантарионот (Hypericum perforatum) со векови се употребува за лекување на многу болести. Оваа ценета и омилена билка расте на пасишта, ливади и карпести гребени. Цвета од мај до август, а освен по силно жолтите цветови се препознава и по горчината и специфичниот мирис.

Кантарионот е богат со железо, етерични масла, смола, каротин, холин и витамин Ц. Најзначајната состојка е хиперицин, која го ублажува воспалението, бидејќи го спречува развивањето на бактерии и вируси. Одличен е за лекување на гастритис и чир на желудникот и дванаесетпалачното црево, како и против болести на бубрезите, мочниот меур, црниот дроб, слезината, висок крвен притисок и срцеви заболувања. Се употребува и надворешно против изгореници, хемороиди и за зараснување на рани. Последните научни студии потврдиле дека е добар лек за намалување на депресија, бидејќи содржи хиперфорин. Ова соединение го спречува распаѓањето на серотинот (хормонот на среќата) и ја ублажува депресијата. Во споредба со антидепресивите, кантарионот има подеднакво дејство, а помалку несакани дејства. Кантарионот содржи и мелатонин, кој огранизмот го лачи за време на спиењето, па така ова растение се користи како одличен лек против несоница.

Но, со оглед на тоа дека кантарионот ги стимулира ензимите во црниот дроб побрзо да ги преработат лековите и ја намалува нивната концентрација во крвта, со тоа може значајно да се намали или во целост да се поништи дејството на лековите. Затоа, кантарионот не треба да се зема заедно со апчиња за контрацепција, антидепресиви, лекови против холестерол и производи кои се земаат пред трансплантација.

Освен тоа, кантарионот не треба да се нанесува на кожата за време на сончањето бидејќи е фотосензитивен и може да предизвика промени на кожата, најчесто темни дамки. Исто така, не би требало да се употребува во производите за дневна нега на лицето, посебно во лето. Но, доколку правилно се употребува, кантарионот е вистински благодет за кожата, посебно после сончање, бидејќи ја негува и го спречува прераното стареење и сушење на кожата, делува антивоспалително и е особено корисен за изгореници од сонце.

Изгореници од медуза

Најпрво внимателно отстранете ги пипките, а потоа измијте го болното место со солена морска вода и потоа со чиста обична вода. Потоа, на изгореницата ставете памучна крпа натопена со кантарионово масло. После 10 до 20 минути променете ја облогата и држете ја уште половина час. Лекувањето трае од 4 до 6 дена.

Масло со бело вино

500 грама свеж кантарион

1 литар маслиново масло

1/2 литар бело вино

Исецкајте ги цветот и листот на кантарионот, потопете ги во маслото и виното и варете ги на пареа да испари виното. Исцедете, а маслото користете го за премачкување на рани, исекотини и изгореници.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *