Можеби не веднаш, можеби не и оваа вечер! Зошто се уште не си ме видел со очите со кои сакам да ме видиш.
Ветувам ќе бидам најубава само за тебе. Би го облекла најубавиот фустан што и Коко Шанел би го одобрила. Би танцувала цела ноќ и би се однесувала божествено. Но пред тоа…Пред тоа најпрво ќе раскинам со гадната навика да се критикувам постојано и да сметам дека не го заслужувам најдоброто. Затоа ќе ги побарам најубавите нешта на мојата личност, ќе ги извадам од дното на мојата суштина за да видиш колку прекрасна можам да бидам.
Нема повеќе да им верувам на сите оние што ми велат дека Судбината се насмевнува само на некои, зошто од денес ќе биде мој сојузник. Нема да дозволам стравот од неуспех да ме направи слаба и ранлива, зошто така беше се до денес, но веќе избрав да се вљубиш во мене. Луѓето ќе ме гледаат со нови очи, зошто јас сум сосема нова и точно сега се опознавам како таква. Го сакам она што го гледам во огледалото. Нема да се плашам дека нема да ме забележиш, зошто нема како да се случи тоа. Сакам да осетиш дека сум паметна и уверена, дека сум го поминала целиот пат до тебе преборувајќи се со сите тешкотии и еден по еден сум ги загубила комплексите по истиот пат до тебе без да се вртам назад. Ако ти ме видиш со тие очи, значи веќе си се вљубил!
