Колешино се наоѓа на падините, односно подножјето на живописната планина Беласица, на надморска височина од 630 м. Има околу 400 домакинства со 1.300 жители,познати како вредни земјоделци и познати производители на бостан и кикиритки. Во самото село успешно работат неколку стопански субјекти коишто, главно, за свое профитирање ги користат локалните ресурси, во прв ред земјоделските производи и дрвото. Планинската река Баба, спуштајки се од највисоки врвови, токму на овој дел прави неколку интересни слапови. Водопадот се наоѓа над селото.
Колешинскиот водопад е лоциран во долниот тек на реката Баба, во пазувите на планината Беласица помеѓу јаворова шума и камени гребени на надморска височина од 610 метри. Со височина од 15 м, се вбројува во највисоките водопади во Македонија, со широчина на падот од околу 6 м. Тој е тектонски водопад, создаден во гранитни камења. Спроти Колешинскиот водопад, на оддалеченост од околу 100 метри, се наоѓаат уште неколку помали водопади распоредени во низа, високи од два до четири метри, кои припаѓаат на неговиот централен слив. Овие водопади досега не оставиле рамнодушен ниту еден од нивните посетители.
Уживајте во глетката.