Авионот во кој се наоѓала првата дама Мишел Обама вчеравечер за влакно избегнал катастрофа при слетувањето во воената база “Ендрјуз“ во Вашингтон, поради грешка на контролорите на летање.
Пилотите на време забележале дека воениот транспортер ( Ц-17 ) би можел да се најде на патот на авионот на Мишел Обама.
Во еден момент, растојанието помеѓу двата авиона изнесувало само 4,5 километри, а минималното пропишано растојание, кое обезбедува да се избегнат опасни турбуленции, изнесува 8 километри.
Кога станало јасно дека авионот Боинг 737 на летот од Њујорк, во кој покрај Мишел Обама била и сопругата на потпретседателот Бајден, Џил Бајден, не може безбедно да слета, пилотите веднаш го откажале слетувањето и направиле уште еден круг во воздух за подоцна истиот безбедно да слета на воениот аеродром на кој е стационирана целокупната флота на авиони на владата на САД.
Извор: Нетпрес