Умар Фидал заедно со неговиот школски другар на трети април се разнеле во пакистански храм, при што имало десетици убиени и ранети луѓе. Но, Фидал го преживеал самоубиствениот напад бидејќи не му биле активирани сите бомби на неговото тело.
Останал без рака и има тешки повреди во стомачната празнина и се’уште се наоѓа во животна опасност, но во свесна состојба. Сега се наоѓа во притвор каде што разговарал со новинарите на “Би-би-си“ и се покајал за сторените злодела, заради кои се одрекол од своите родители.
Објаснил како пет месеци бил во талибански камп за обука на бомбаши самоубијци каде што научил да пука и да ракува со бомби, каде што му го испрале мозокот уверувајќи го дека ќе оди во рајот ако ги убие неверниците. Му кажале дека ќе го однесат во Авганистан, но на крајот заедно со неговиот пријател биле пратени во пакистански храм.
“Талибанците често се молеле и го читале Куранот па затоа мислев дека се добри. Срцето ми викаше да одам и да тренирам со нив“, рекол Умар, додавајќи дека дури сега сфаќа дека направил нешто “многу лошо“ и дека тоа не е во склад со Исламот.
Умар се’уште стравува дека Талибанците може да го најдат и да го убијат бидејќи не ја завршил мисијата за која бил испратен.
Извор: Нетпрес