Фудбалерите на Шалке и Манчестер Јунајтед во Гелзенкирхен во вторник ќе го одиграат првиот полуфинален меч во Лигата на Шампионите. Домашните навивачи со право најмногу надежи полагаат во својот Раул.
Шпанскиот фудбалски мајстор и долгогодишен играч на Реал Мадрид минатото лето дојде во Шалке и по неколку месеци привикнување почна да ги тресе противничките мрежи како некогаш во “кралскиот клуб”.
Вкупно во кариерата 33-годишниот Раул постигна дури 71 погодок во мечевите од Лигата на Шампионите, но интересно е дека никогаш во кариерата не успеал да го совлада Ван дер Сар, 40-годишниот голман кој во вторник ќе биде последна пречка за играчите на Шалке.
Инаку, прв пат тие двајца фудбалери на тревникот се сретнале далечната 1995. година која Ајакс и Реал играа во фазата по групи во Лигата на Шампионите. И тогаш голманот на Ајакс, Ван дер САр го доби секој двобој со тогаш 18-годишниот Раул.
“Нека остане таа традиција несрушена и по овие две полуфиналиња. Но, тоа можам само да го посакам, а друго е што ќе се случува на тревникот. Раул особено го почитувам, тој е еден од најдобрите европски напаѓачи во последните две децении. И на мојата одбрана против него нема да и биде лесно.” – рекол холандскиот голман.
Извор: Спортнет