Министерството за култура на Италија соопштило дека била покрената истрага за наводите дека камења од античкиот Колосеум почнале да се ронат и да паѓаат. Очевидци во неделата пријавиле дека познатата римска градба почнала да се уништува и дека од неа паѓале камењата.
Директорката на Колосеумот Росела Реа ги демантирала овие наводи дека камења се ронеле од познатата градба. Таа изјавила дека станува збор за колективна психоза која повремено се јавува кога станува збор за Колосеумот.
Италијанската организација за заштита на животната средина Legambiente повеќе пати предупредила дека загадувањето од издувните гасови и вибрациите од густиот сообраќај може да му наштетат на Колосеумот.
За реставрација на Колосеумот италијанските власти одвоиле 25 милиони евра, а работата ќе започне во март.