Себастијан Ветел ја започна новата сезона како што ја заврши и претходната – со убедлива победа. Светскиот шампион извозе безгрешна трка и го освои Австралиското Гран При на патеката во Мелбурн. Втор, без никакви шанси да се бори со лидерот, остана Луис Хамилтон од Мекларен. Но, тоа може да се смета за повеќе од добар пласман за возачот на Мекларен, бидејќи пред стартот на сезоната тимот имаше доста проблеми и многумина експерти тотално го ставија во сенка на фаворитите. Сензационално третото место го освои возачот на Рено, Виталиј Петров. Минатата година токму Русинот беше причина Фернандо Алонсо да ја загуби титулата и иронично на денешната трка Петров повторно заврши точно пред Шпанецот. Натпреварот повторно беше тотално разочарување за обновениот тим на Мерцедес, бидејќи и двата пилоти не ја завршија трката. Во бодови уште влегоа Вебер (Ред Бул), Џејсон Батон (Мекларен), Перез и Кобајаши (Заубер), Фелипе Маса (Ферари) и Себастијан Буеми (Торо Росо).
Извор: Нетпрес