Триесетгодишен жител на Драчево си го задавил пријателот, а потоа го закопал во сопствената спална соба. Телото на убиениот е пронајдено денес, а убиството се случило во 2009 година.
Имено, вчера во полициската станица Драчево С.С.(58) од Скопје дошол и пријавил дека 30-годишниот М. Д. од Скопје го убил Зоран Ѓ. (42) од Скопје, лице за кое на 05.октомври 2009 година било пријавено дека е исчезнат.
По пријавувањето на случајот, М.Д. е приведен и при обавениот разговор го признал делото и изјавил дека откако го задавил Зоран Ѓ. со пешкир, со кого инаку биле познаници и често заедно конзумирале алкохол, ископал дупка во подот во спалната соба во неговата куќа, потоа го ставил телото во неа, го попрскал со вар, го затрупал со земја и ги вратил даските и врз нив ставил ормар.
Осомничениот кажал дека немал намера да го убие Зоран, туку имале расправија по која го нападнал и набргу откако забележал дека истиот не давал знаци на живот се обидел да го реанимира, а откако не успеал побарал сугестија и помош од пријавителот С.С.
По извршената обработка и увид од страна на надлежните органи којашто траеше околу три часа, на околу 80 сантиметри под површината на посоченото место, пронајден е човечки скелет и делови од облека.
С.С. и М.Д. се приведени од страна на СВР Скопје, а во тек се активности за целосно расчистување на случајот по што ќе следат соодветни пријави.
Извор: Нетпрес