Здружението на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија денеска, со протестен собир ќе го одбележи Светскиот ден на бегалците пред споменикот на децата бегалци во паркот “Жена борец“. Светскиот ден на бегалците ќе биде одбележан и во организација на Канцеларијата на УНЦХР во Скопје, попладне во 18 часот на Градска плажа 1.
Оваа година се одбележуваат два јубилеи поврзани со бегалците, 60 години од Конвенцијата за бегалци на Обединетите нации, донесена на 28 јули 1951 година и 50 години од усвојувањето на Конвенцијата за намалување на бездржавјанство од 30 август 1961 година. Двата документи одиграа суштинска улога во дефинирањето на цивилизацискиот, правниот и хуманитарниот однос кон бегалците низ целиот свет, од аспект на нивна заштита, безбедно доброволно враќање и социјална интеграција кога враќањето не е можно. Овие инструменти ја одиграа и клучната улога во врамувањето на овие вредности во националните законодавства на земјите членки на ОН, меѓу кои и Македонија.
Истражувачкиот центар за граѓанско општество во последните 12 години беше организацијата која го понесе главниот товар на правното застапување на бегалците и барателите на азил во Македонија пред институциите на системот, но и еден од главните чинители, заедно со УНХЦР, во реформирањето на правниот поредок во оваа област, која ја вклучува и тематиката на бездржавјанството.
Во 2003 година, Македонија го доби првиот закон за азил, во 2004 година го надгради законот за државјанство и последователно го хармонизираше домашното бегалско право врз основа на кое ИЦГО застапуваше илјадници бегалци и спроведе над 10 илјади правни постапки.
Сето ова придонесе Македонија да се легитимира како земја која има законодавство и процедури во пракса, што овозможи земјава да биде ставена на таканаречената “листа на земји со безбедно прибежиште”.
Извор: Нетпрес