Денеска се одбележува Светскиот ден против злоупотребата на детскиот труд. Стотици милиони деца во светот се жртви на детскиот труд, лишени од основните права, соопштуваат меѓународните институции.
За прв пат овој ден е одбележан во 2002-та кога Меѓународната организација на трудот реши да се нагласи состојбата на злоупотребените деца. Во 2010-та во светот имало 215 милиони деца работници, а 115 милиони деца биле вклучени во работи опасни по здравјето, безбедноста и моралот.
Со одбележување на 12 јуни Меѓународниот ден против злоупотреба на детскиот труд, Првата детската амбасада во светот “Меѓаши“ потсетува дека Република Македонија иако ја ратификуваше конвенцијата бр.182, сеуште состојбата со детскиот труд во земјава, како што велат, е алармантна.
Над 18.000 деца во Македонија не одат на училиште и над 2.000 деца секојдневно денот го поминуваат на улица во субстандарни услови, живеејќи под ведро небо без родителска грижа. Според нив, најчесто овие деца се жртви на најтешките форми на злоупотреба на детскиот труд. Ги има од сите возрасти и националности, но најмногубројни се Роми.
Извор: Нетпрес