Еден од најубавите градови во светот е италијанската дива на водите, Венеција. Елегантните гондоли кои пловат низ каналите, преку кои има околу 400 мостови, помали и поголеми, преубави палати и цркви, шетање низ романтичните тесни улици, цветните балкони, дури и оние кои цврсто се спротиставуваат на романтиката, во ова место нема да останат имуни. Во секое годишно време Венција е преплавена со илјадници туристи, кои често сакаат да се маскираат во знак на традиционалната забава. Така беше за време на карневалот оваа година на 8 март, кои траеше десет дена.
Карневалот во Венеција е сопственик на титулата за еден од најекстравагантните карневали во светот. Во овој период од годината можете да видите многу насмеани лица странци како и локални жители кои уживаат на плоштадот Свети Марко. Првиот официјален Венецијански карневал се има одржано во 1268 година. Заштитен знак на карневалот се венецијанските маски. Маските со кои некогаш се покажувала и класната разлика, во текот на карневалските денови може да се купат на секој чекор. Од најскромно изработени и за оние со поплиток џеб, се до оригинални и уникатни настанати од вистинските мајстори, се зависно од тоа колку сте спремни да платите.
За неколку десетици евра можете да уживате во возењето на гондолите низ каналите и да го доживеете градот со својата убавина, бидејќи со прошетката на вода, можете да ги видите мосотовите, архитектурата на палатите и уживате во стариот дел на градот.
Прво нешто што ќе треба да видите во овој град е Базиликата на Света Марија (Basilica di Santa Maria della Salute), позната само како Salute, славната венецијанска црква. Потоа, треба да направите една прошетка низ плоштадот Свети Марко, кој е единствен доволно голем за да се нарече плоштад. Впрочем, главната свеченост за карневалот се случува токму на овој плоштад.
Сепак најголемата колона туристи можете да видите пред Базиликата Свети Марко, која е изградена на почетокот на деветиот век, а отогаш многу пати била рушена, преградувана и менувана. Оние кои ќе успеат да се искачат на камбанаријата од оваа црква, ќе останат вчудоневидени од убавината, бидејќи токму од ова место може да се види цела Венеција, нејзините плоштади, целата лагуна, покриви од куќи.
Најпознатиот мост кој преминува преку главната пловна артерија на Венеција е мостот Rialto (Ponte di Rialto). Мостот е изграден за три години во 16 век. Откако мостот бил изграден некои архитекти тврделе дека мост со таков облик нама да може да издржи долго време и дека сам ќе се сруши, а денеска сето тоа се демантира со стотината туристи кои сеуште одат по него ден денес.
Додека го пиете своето ексресо или капучино во некој од кафулињата на плоштадите, сигурно ќе помислите дека тоа е најдобриот кофеински напиток што некогаш сте го пробале, а истовремено уживате во глетката на гондоли, импресивна архитектура и насмеани луѓе.
Од разгледување на градот сигурно брзо ќе огладнете, а во многу бројните ресторани ќе најдете пици, тестенини, лазањи и други јадење кои ќе придонесат мерак на вашиот гурмански вкус. Пицата во повеќето понуди е од 8 евра па н агоре, еспресото или некое друго кафе е од 3,5 па до неверојатни 20 евра. Возењето со гондола, кое најчесто трае 40 минути за шест лица, чини 80 евра. Маските за време на карневалот можете да ги купите од 5 па до неколку стотици евра.