Во Лондон на 29 април ќе се одржи венчавката на Принцот Вилијам и неговата избраничка Кејт Мидлтон кои до Вестминистерската опатија ќе се возат во лимузина достојна за еден ваков настан. Станува збор за лимузина вредна милион фунти, Rolls-Royce Phantom IV, истата онаа која беше нападната на студентските протестите минатата година, врз која се истури бела боја и беше скршен еден прозор. Меѓутоа истото тоа луксузно возило е поправено и спремно за кралската венчавка.
Rolls-Royce Phantom IV е најексклузивниот модел од оваа марка кој некогаш е направен. Измеѓу 1950 и 1956 година се направени само 18 примероци, исклучиво само за високи функционери и за кралското семејство. Денеска од овој модел постојат 16 примероци.
Оваа лимузина е долга 5.770 mm и широка 1.950 mm. За движење на овој автомобил е задолжен 5,7 литарскиот мотор кој овозможува споро преминување на долги растојанија, бидејќи и самиот автомобил е наменет за стил и споро возење адекватено за кралските церемонии и слични настани.
Отако ќе станат сопруг и сопруга Вилијам и Кејт ќе се возат до Бакингемската палата во отворена кочија од 1902 година. Во истата таа кочија Принцот Чарлс и Принцезата Дијана се возеа на својата венчавка во 1981 година.
Ако на денот на нивната венчавка врне, новопечениот кралски пар ќе се вози во стаклена кочија со затворен кров од 1881 година.