Ова е уште еден од многуте мексикански специјалитети кои напросто ги обожаваме. Станува збор за wraps ролнички, мексикански сендвич направен од тортиљи филувани со свежа салата, сирење, пилешко месо…
Свежото пилешко бело месо исецкајте го на тенки ленти, и маринирајте го во маслиново масло, малку сол и на врвот од лажицата мелено чили. Оставете го во оваа смеса 10-на минути. Потоа пропржете го во тефлонска тава без да додадете масло за јадење , се додека не поруменат.
Еден врзоп ротквици исецкајте ги на коцки и ставете ги кај свежото сирење, посолете, ставете бибер и ставете го лукот ситно искецкан.
Измијте ја марулата, исецкајте ја, црвената пиперка исецкајте ја на долги, тенки ленти.
Тортиљата премачкајте ја со смесата од свежото сирење, потоа ставете го прженото месо, пиперката и на крајот салатата. Замотајте ги во ролни, пресечете и послужете.
Потребни состојки:
4 тортиљи
200 гр свежо сирење
1 чешне лук
1 врзоп ротквица
300 гр пилешко бело месо
малку чили
3-4 лажици маслиново масло
листови марула
1 црвена пиперка