Mакедонија извезла стоки од 599,1 милиони долари во периодот јануари-февруари годинава, а увезла производи вредни 1, 097 милијарда долари, соопшти Државниот завод за статистика. Според статистичките податоци, покриеноста на увозот со извоз е 54.6 отсто, а трговскиот дефицит во овој период изнесувал 498 милиони долари.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, производите од железо и челик (валани производи), облеката, фероникелот и преработките од нафта. Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, благородните метали во колоидна состојба, нивните органски и неоргански соединенија, амалгамите на благородни метали, суровата нафта, автомобили и електричната енергија.
Во периодот јануари-февруари година, најголемо учество во извозот на стоки имаат земјите-членки на ЕУ 27 (65.4%) и земјите од Западен Балкан (22.2%), а во увозот на стоки најголемо учество имаат земјите-членки на ЕУ 27 (57.3%) и земјите во развој (26.5%). Според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Македонија најмногу тргува со Германија, Велика Британија, Русија, Србија и Бугарија. 50.8 отсто од вкупната надворешно-трговска размена се врши со овие пет земји.
Извор: Нетпрес