Бохињ

14 март, 20120
4vjeh

Природното и културно-историското богатство на Бохињ се интересна понуда и предизвик викендов да бидете дел од идилата што ја нуди овој словенечки планински рај. Бохињ е оддалечен од својот урбан центар Бохињска Бистрица 11 км, а од Љубљана 80 км.

Истражувањето на убавините на Бохињ е голем предизвик за посетителите. Одлична глетка врз овој мал планински свет има од лесно достапните планински видиковци. Од Водник како на дланка се пружа поглед на целиот регион на Бохињ, од Печ, над црквата “Свети Јован Крстител”, може да уживате во глетката на езерото, а кај Вогел, до кој пристапот е лесен со помош на жичницата-панорама ќе се најдете очи в очи со планинските гиганти.

Бохињско Езеро, најголемото постојано природно езеро, се наоѓа во срцето на Јулиските Алпи, во подножјето на Триглав. Езерото е од глечерско потекло, долго е 4.100 метри, широко 1. 200 метри, а најголемата длабочина е 45 метри. Меѓу најголемите богатства на Бохињ се неговите води. Тие маѓепсуваат стрмно патувајќи кон езерото Бохињ и кон “смарагдните очи” на Триглав, попат создавајќи прекрасни водопади, од кои најпознати се Савица, Мостнице и Грмечица.

свен со природното, Бохињ изобилува и со големо културно-историско богатство, споменици, музеи и објекти, кои совршено го отсликуваат словенечкото културно наследство. Начинот на живот на жителите во регионот на Бохињ од многу аспекти е се уште поврзан со многувековната традиција. Најстарата документирана активност во регионот се преработката на железото и рударството, кое станало жртва на индустриската револуција. Важен дел од бохињската економија се уште се фармите за преработка на алпското млеко.

Архитектонското наследство на стариот Бохињ е забележливо во дел од одлично сочуваните домови – алпски колиби со балкони и покриви од дрвени плочи. Посебните архитектонски и етнографски карактеристики на регионот се највпечатливи во Музејската куќа “Оплен”, во селото Студор. Руралните цркви се неодминлив елемент од културниот имиџ на Словенија и се украс на многу бохињски села. Црквата “Свети Јован Крстител”, сместена во срцето на Бохињ, крај Бохињско Езеро, и мостот пред неа се најпознатиот и најславен симбол на регионот.

Оваа готска црква датира од 15 век, а камбанаријата и олтарите потекнуваат од периодот на Барокот. Жителите на Бохињ неизмерно се гордеат со својата моќна планина. Споменикот на четворицата храбри луѓе, кои во 1778 година биле првите што го освоиле Триглав, поставен во Рибчев Лаз во близина на езерото, е само еден од начините на кои мештаните му оддаваат почит на планинскиот гигант.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *