Во градот Донјанг на источниот дел од Кина продавачите на јајца се подготвуваат за варење на необично пролетно јадење исклучително популарно во овој град.
Кофите и кантите полни со детска урина се собираат од основните училишта во околината, бидејќи урината е клучната состојка за подготвување на јадењето “јајца на невини момчиња”.
Овие јајца се подготвуваат на начин што се потопуваат и варат во урината од децата, по можност помлади од 10 години. Не постои објаснување поради што е неопходно тоа да биде урина од деца, но е традиција која трае со векови.
Мирисот на овие јајца тешко е да се избегне помеѓу бројните тезги на уличните продавачи кои го продаваат ова јадење со коментар дека има одлични лековити својства.
-Ако го изедеш јајцето нема да патиш од сончаница. Тие се добри за здравје. Моето семејство ги јаде секој ден, вели Ге, еден од продавачите.
Потребен е цел ден за да се подготват овие единствени јајца. Најпрво тие се потопуваат, потоа се варат во урината. Кога ќе се сварат, лушпата се крши и јајцата се оставаат да се крчкаат во урината на тивок оган уште неколку часа. Ге веќе 20 години го продава ова јадење, а секое јајце го продава за 1,5 јени, што е двојно поскапо од цената на обичните јајца.
Поголемиот дел од жителите уживаат во оваа “закуска” и веруваат дека овие јајца ја намалуваат телесната температура, ја подобруваат циркулацијата и го освежуваат телото, иако медицинските експерти се сомневаат во лековитите својства на ова јадење.
Јајцата се продаваат само на улица. Многу семејства сами ги собираат неопходните состојки и ги подготвуваат во своите домови. Популарноста на ова јадење довела до тоа што локалната влада предага “јајцата на невини момчиња” да се стават на листата на нематеријално културно наследство.