Кога луѓето ти зборуваат зад грб значи само едно – твојот грб е нивното „напред“!

15 февруари, 20120
1

Вчера вечерта читав еден текст на темата „Слободата да бидеш различен“, една тема на која може многу да се пишува, но се уште е покриена од маглата на опшествените табуа и норми. И почнав да размислувам дали ние самите дозволуваме на луѓето да бидат различни или уште на самиот почеток успеваме да ги оковаме и заклучиме во кафезот на општоприфатените опшествени норми? А уште поважно, дали сами на себе си ја даваме слободата што ни треба?

Зошто? Зошто сме склони да го отфрлиме и да се одречеме од секој оној што се разликува по некаков начин од нас? Од масата луѓе? Зарем и тие не се луѓе? Зарем „човекот“ не е човек?

Да не ни е страв? Или пак дали се плашиме од несигурноста? Очигледно да! Што друго би можело да биде?

Познати луѓе, познати места, познати разговори – сето тоа не прави да се чувствуваме во една сигурна и безбедна средина, без стрес и без непријатности. Постојано се стремиме да бидеме и да останеме во таа зона на комфорт и секој „натрапник“ претставува закана за нас. Но во таа зона, животот само тлее, а животот треба да гори…стравот може да те натера никогаш да не излезеш од зоната и никогаш да не спознаеш што бил животот…Живеат само оние кои ќе се исправат очи во очи со стравот и само така тој се победува!

Тоа ли е причината да ги отфрламе различните од обшеството? Тоа ли е причината да не ги прифатиме? И нив и себе си?

И што добиваме ние од тоа? Нели со помош на разликите го прошируваме својот поглед кон светот? Нели со прифаќањето на различното се развиваме? Успех ли е да бидеш еднаков или различен…уникатен или дел од толпата??? Па макар и да не те прифаќаат, ти си пред нив штом ти зборуваат позади грб…грбот твој е нивното напред…

Душата е слободна и нејзиното исконско право е да не ги признава ни прифаќа границите. Секој од нас сака да биде слободен. Секој од нас е различен во една или друга смисла и секој од нас има право да покаже на светот дека може да го разубави со својата уникатност.

Вистинскиот живот не е во безбедната зона – излези надвор и види ја реалноста!

Биди различен! Обогати ја реалноста!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *