Љубовта расте со годините. И бара нови хоризонти за изјава. Ги надминува стихиите на секојдневието, во добро и лошо, во радост и тага, секогаш заедно. И таму некаде, без причина се наметнува љубомората. Љубомората фатена за рака со лудостта.
Љубов и љубомора. Како црна дупка во човечките односи. Љубов што ги надминала границите на емоционалноста, љубов полудена. Љубов нескротлива, љубов што танцува со страстта и лудостта. Љубов предадена на љубомората.
Љубов, опседната од желбата да поседуваш. Чувство кое ги погубува елементарните животни процеси. Чуство што носи отров и ги труе душата и телото.
Љубомора. Чувство кое разградува, кое акумулира негативни емоции во човечката свест и фантазија. Сомнеж кој го раскинува нормалното секојдневие. Поцрнети мисли, предавство на испиената логика. Неограничена сентименталност , која се продала без цена на лудостта.
Љубомора и љубов. Проколнат круг на разрушителната безкрајност. Трпение и крајност. Љубов и солзи. Продадена љубов.
Желба за поседување – тоа го нарекуваат љубов. Едното и другото се неспоиви, крајно различни. Тука се раѓа и душевната драма. Безкраен круг на бездушна еуфорија. На краткотрајна радост, на секојдневна болка. Љубомора. Страсна љубов. Желба за поседување. Неповратно изгубен душевен мир.